прилог од моркови

Здрав прилог од моркови, трупка и кинеска зелка

Изобилува со витамини, растителни влакна и минерали! Приготвен во кујната на Сѐ за храна од најздравите состојки, овој прилог од моркови, трупка, кинеска зелка и кисели краставички е идеален за ручек или вечера.

На инспирација од ориенталната кујна креиравме нов рецепт за многу здрав прилог кој може да го послужите и како главен оброк. Супер изгледа и што е најважно има одличен вкус. Овој прилог идеален е за време на пости, за вегатеријанци, како и за лица кои имаат интолеранција на глутен и лактоза.

Трупката е нискокалорична, а богата со витамини. Една средна трупка задоволува 54% од дневните потреби на телото за витамин Ц, 8% манган, 7% калиум и 5% витамин Б6, фолати и бакар. Кинеската зелка е богата е со антиоксиданси како што се каротеноиди, лутеин, зеа ксантин и сулфофран. Покрај антиоксидансите, кинеската зелка исто така изобилува со растителни влакна.

Ѓумбирот е познат како најмоќниот природен лек и зачин. Ладно цеденото сончогледово масло го зајакнува имунитетот, му дава енергија на телото, корисно е за срцето, го подобрува здравјето на кожата, служи како превентива за канцер, го намалува нивото на холестерол, заштитува од астма и ги намалува воспаленијата. Доволно причини кои ќе ве поттикнат да го направите овој здрав прилог од зеленчук уште денес!

здрав прилог од кинеска зелка

Состојки:

  • 1 поголема трупка
  • 2 моркови
  • 8 до 10 листови кинеска зелка
  • 3 до 4 кисели краставички
  • ѓумбир во прав
  • 1 лажица сусам
  • 1 лажица ладно цедено сончогледово масло
  • хималајска сол по вкус
  • црн пипер по вкус
  • 2 лажици соја сос.

Подготовка:

  1. Трупката и морковите се лупат и се рендаат на долги ленти. Кинеската зелка ситно се сечка на ленти.
  2. Киселите краставички се сечкаат на долги ленти и убаво се цедат.
  3. Во нелеплива тава на оган, на умерена температура се става 1 лажица ладно цедено масло да се загрее. Во загреаното масло се додаваат трупката и морковите. Зеленчукот повремено се меша и се пржи за време од 3 до 5 минути додека омекне.
  4. Потоа, во тавата се додаваат сечканата кинеска зелка и киселите краставички. Се продолжува со пржењето додека зелката омекне.
  5. На крај во тавата се додаваат ѓумбирот во прав, сусамот, соја сосот, се посолува по вкус и се зачинува со мелен црн пипер.
  6. Здравиот прилог од моркови, трупка, кинеска зелка и кисели краставички се служи додека е топол.

Ви предлагаме да прочитате: Зимска витаминска салата за забрзување на метаболизмот.

Сподели: