компот со праски и цимет

Компот со праски и цимет без шеќер

Летото е време кога убавите овошки ги имаме во изобилство! Праски, кајсии, лубеници… Топло време, сочно овошје и моменти на уживање! Сега е вистинскиот момент да се направи лесен домашен компот со праски и цимет!

За да се подготви слатка зимница вообичаено е потребна поголема количина на шеќер, но ние уживаме во компотот од праски кој не содржи ниту грам шеќер. По желба, шеќерот може да го замените со мед, па така ќе направите многу поздрава варијанта од традиционалниот компот од праски. А вкусот на овој начин е уште подобар и поспецифичен. Направете го и уживајте во летните сензации и во зима.

компот од праски и цимет

Состојки:

  • 1 ½ кг зрели праски
  • 9 чаши вода
  • 1 чаша мед
  • цимет.

Подготовка:

  1. Праските темелно измијте ги, па излупете ги од лушпата. Лупењето може да си го олесните така што праските претходно ќе ги потопите во зовриена вода околу 2 минути, а потоа ќе ги префрлите во сад со ладна вода. На овој начин лушпата ќе испадне сама. На излупените праски отстранете им ги и семките и исечкајте ги на четвртинки, а доколку се помали може да ги исечете на половинки.
  2. Откако вака ќе ги подготвите праските, во подлабок сад, зовријте ги водата и медот.
  3. Во чисти тегли ставете малку цимет и додајте ги праските. На крај секоја од теглите дополнете ја со медената вода.
  4. Наполнетите тегли добро затворете ги и наредете ги во поголем сад кој ќе го наполните со вода (во висина малку под капачињата на теглите).
  5. Вака подготвените тегли со компот варете ги околу 25 минути на средна температура. На овој начин компотот ќе се конзервира и стерилизира, па така ќе трае до наредното лето. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Компот од круши во шеќерен сируп.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: