домашен компот од круши

Компот од круши во шеќерен сируп

Ние го обожаваме сезоноското овошје, но за жал одредените намирници се достапни само во краток период. Затоа, во деновите кога ги имаме во изобилство, ние сме во потрага по најдобрите рецепти за зимница со чија помош ќе може да уживаме во нив и останатите сезони. Ова е сигурно еден од наједноставните начини на кои може да направите вкусен домашен компот од круши кој ќе ви трае долго време. Пробајте го!

Крушите се супер храна за сите генерации. Тие се хипоалергени, па може да ги консумираат и деца уште од најмала возраст. Претставуват добар извор на растителни влакна и затоа се препорачуваат при запек и констипација, а го намалуваат и ризикот од канцер на дебело црево. Имаат поволно влијание врз кардиоваскуларниот систем. Според некои истражувања овошјето кое е богато со растителни влакна го намалува ризикот од канцер на дојка кај жените во менопауза. Затоа, искористете ја сезоната на круши и лесно направете си домашен компот во кој ќе може да уживаат сите генерации во вашиот дом, од најмали до најстари.

компот од круши

Состојки:

  • 3 поголеми круши за две стандардни тегли
  • 5 ½ чаши вода
  • 1 ¼ чаша шеќер (по желба намалете ја количината).

Подготовка:

  1. Крушите темелно измијте ги, исечкајте ги на коцки и наредете ги во чиста тегла. По желба излупете ги.
  2. Во поголем сад на оган ставете ги водата и шеќерот да зовријат.
  3. Со вака подготвениот шербет додека е сѐ уште жежок, прелијте ги крушите во теглата.  Притоа оставете 1-2 см од врвот на теглата, без течност.
  4. Теглите добро затворете ги, завиткајте ги во хартија и наредете ги во поголем сад. Во садот турете вода за да ги покрие теглите.
  5. Теглите варете ги околу 10 – 15 минути на средна температура, па тргнете ги од оган и оставете ги да се изладат 24 часа на собна температура.
  6. Наредниот ден, отстранете ја хартијата од теглите и складирајте го компотот на ладно и суво место.

Ви препорачуваме да прочитате:  Рецепт за слатко од круши.

Сподели: