Крем супа од целер

Крем супа од целер

Рецептот за вкуснава крем супа од целер е старински и со векови го збогатувал менито на голем број семејства на Балканот. Денес, благодарение на нашата пријателка Лана од блогот Kuhinjica Mignone имаме одлична можност да погледнеме како изгледа резултатот од традиционалниот рецепт за кој во старите куварски книги порано немало фотографии. Уживајте во секоја голтка!

Крем супа од целер

Состојки:

  • 1 поголема главица целер
  • 1 главица кромид
  • 1/2 страк праз
  • 1 поголем компир
  • сол и црн пипер по вкус
  • 200 мл кисела павлака
  • 2 жолчки
  • 20 гр путер
  • околу 150 мл вода
  • по желба малку лимонов сок како додаток на вкус.

Подготовка:

  1. Во малку масло и путер малку пропржете го ситно сечканиот кромид и белиот дел на празот.
  2. Целерот излупете го и исечкајте го на ситни коцки, а потоа пропржете го заедно со кромидот.
  3. Во садот додајте ги коцките компир и водата, па оставете да се вари се заедно околу половина час.
  4. Течноста исцедете ја, а варениот зеленчук со помош на вилушка испасирајте го или изблендирајте го, па повторно соединете ја целата смеса.
  5. Жолчките измешајте ги со киселата павлака. Во садот додајте малку врела супа за подобро да се размати и на крај додајте ги и нив во садот кој врие на оган со останатата крем супа од целер.
  6. Намалете го огнот или подобро исклучете го и оставете супата да стои поклопена уште неколку минути.
  7. Препорачуваме готовата крем супа од целер да ја служите топла и сервирана со ѕвездички од препечен леб (домашни крутони) или можеби друга форма доколку имате поинаква желба.

Совет плус: Во крем супата од целер може да додадете и домашно направени кнедли од белки и брашно. Најдобро е кнедлите да бидат мали, затоа што прилично нараснуваат при варењето. Белките изматете ги со виљушка во цврста пена, па додајте малку брашно и со помош на мало лажиче формирајте мали кнедли кои треба да се готват во супата која врие.

На здравје!

Сподели: