Печени уштипци од тиквичка

Печени уштипци од тиквичка

Денес благодарение на Лана, споделуваме со вас навистина брз и лесен рецепт за печени уштипци од тиквичка. Звучи вкусно и интересно, а што е најважно се подготвува за многу кратко време, па рецептот совршено ќе ви се најде за оние денови кога не ви се готви баш најмногу.

Нашите пазари изобилуваат со тиквички скоро преку целата година. Тие се здрави и вкусни, а можностите за нивно комбинирање се неограничени. Тиквичките се совршена замена за месото во деновите кога сите сакаме да јадеме некоја полесна и нискокалорична храна. Кој би рекол дека може да си направиме вкусни уштипци со тиквичка? Но, ние ви гарантираме дека се повкусни и од оние со месо.

печени уштипци од тиквичка

Состојки:

  • 1 тиквичка со средна големина
  • 1 страк млад кромид
  • 2-3 лажици изварка
  • 1 чаша брашно
  • 1 јајце
  • сол и црн пипер по вкус
  • масло по потреба
  • ситно сечкан магдонос по желба
  • коцки сланина по желба.

Подготовка:

  1. Тиквичката темелно измијте ја и излупете ја од кората. Изрендајте ја на крупната страна од рендето и оставете ја да одстои 10 минути.
  2. Младиот кромид исчистете го и ситно исечкајте го. Кратко запржете го на загреано масло.
  3. Тиквичката добро исцедете ја од течноста. Во садот со тиквичката додајте ги изварката, омекнатиот кромид, магдоносот, јајцето и брашно по потреба за да се поврзи смесата. Зачинете со сол и црн пипер по вкус.
  4. За да добиете поспецифичен вкус во смесата за уштипци може да додадете и малку ситно сечкана сланина на коцки, малку лут пипер или 1-2 лажици нарендан кашкавал. Интересна е комбинацијата и со варено пилешко месо. Изборот на комбинации со тиквичката е голем, на вас останува да го пронајдете вашиот омилен вкус или пак да си го направите стандардниот рецепт кој е проверено добар.
  5. Уштипците обликувајте ги со помош на лажица и редете ги на плех претходно обложен со хартија за печење.
  6. Откако ќе ги наредите сите уштипци попрскајте ги со малку масло и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20 минути. Може и да се пржат во загреано масло, но тие се превкусни и печени, а секако и многу поздрави.
  7. Топлите печени уштипци од тиквичка послужете ги со тартар сос или со некој друг сос по ваша желба. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Пилешки плескавици со тиквичка.

Сподели: