кордон блу пилешко

Пилешко Кордон блу

Доколку сакате да пробате нешто ново и интересно со пилешко месо, а да не биди класичен стек, ви предлагаме да пробате пилешко Кордон блу. Пилешко филе, полнето со кашкавал и шунка, похувано со крцкави лебни трошки кое на прв поглед изгледа како пржено, но е печено и сочно од внатре. Овој светски популарен рецепт потекнува од Швајцарија, а за прв пат е споменат во готвачите во 1949 година. 

Приказната за неговото креирање нѐ води во 19-иот век, кога во еден ресторан во Бриг, Швајцарија им се најавиле две поголеми групи на гости кои тврделе дека имаат резервација. Главниот кувар немал доволна количина на месо, па тоа кое што го имал на располагање го поделил на помали шницли и го наполнил со шунка и сирење, пред да го похува. Така количината на овој специјалитет била доволна за двете групи. Газдата на ресторанот бил многу задоволен и на главниот кувар му доделил ознака „Cordon Bleu (син рибон)“ – што е француска метафора за одличен готвач. Готвачот одговорил дека него не му треба син рибон, но дека името Кордон блу ќе биде убаво за неговиот специјалитет. Прекрасен рецепт кој ќе ја разбие монотонијата во кујната и ќе внеси свежина и иновација на трпезата!

Кордон блу

Состојки:

  • 4 парчиња пилешко бело месо (стек, пилешки гради)
  • 8 ленти кашкавал
  • 8 – 12 ленти чадена сланина или шунка
  • сол и црн пипер по вкус.

За похување:

  • 1 – 2 чаши лебни трошки
  • 1 поголемо јајце
  • масло и брашно по потреба.

Подготовка:

  1. Лебните трошки ставете ги во тава со загреано масло и запржете ги околу 3 минути, додека добијат убава златна боја. Пропржените лебни трошки префрлете ги во друг сад.
  2. Пилешкиот стек засечете го по должина така што ќе формирате „џеб“. Подобро е да користите помали парчиња на пилешко месо, а по желба може да го поделите на два дела.
  3. Земете 2 ленти кашкавал и врз нив ставете 2-3 ленти салама. Завиткајте ги во ролна и ставете ги во засеците на пилешкото месо.
  4. Полнетите пилешки гради затворете ги со стапчиња за ражнич или чепкалки. Посолете ги и зачинете ги со црн пипер.
  5. Во длабок сад изматете ги јајцето и брашното. Во вака подготвената смеса потопете го секое парче пилешко месо, па извалкајте го во лебните трошки.
  6. Похуваните пилешки гради наредете ги во плех обложен со хартија за печење и печете ги околу 25-30 минути во претходно загреана рерна на 200 степени или додека добијат убава златна боја.  На крај отстранете ги стапчињата и сервирајте ги со салата по избор. Пилешкото Кордон блу по желба може да го испржите, наместо да го печете. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Брз рецепт за печење на замрзната риба.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: