Пилешко со кикирики и прилог од ориз

Овој специјалитет кој е повкусен од јадењата кои се нудат во рестораните ни доаѓа од вредните раце на Катерина! Станува збор за интересна комбинација на пилешко со кикирики во сос послужени со прилог од ориз.

Едноставно, а премногу вкусно! Штом имате повикано гости на ручек или вечера, пригответе го ова јадење и изненадете ги со вашите кулинарски вештини. Многу е лесно да се направи, па успешен резултат им гарантираме и на почетниците во кујната.

пилешко со кикирики

Состојки:

  • 350 гр пилешки гради
  • 1 чаша лупени несолени кикирики
  • 3 лажици соја сос
  • 1 рамна лажичка мед
  • 1,5 лажичка кечап
  • 1 лажичка вински оцет
  • 1 рамна лажичка рендан свеж ѓумбир
  • 1 лажичка густин
  • 1 филџан (од 150мл) топла вода
  • по потреба масло, сол, црн пипер.

За прилог:

  • 160 гр ориз
  • 1 помала главица кромид
  • 1 средно по големина стебленце целер
  • по потреба масло, сол, црн пипер.

Подготовка:

  1. Пилешките гради исечете ги на помали парчиња.
  2. Посолете, наросете ги со мелен црн пипер и лажичка нишесте.
  3. Убаво измешајте и ставете ги во тава со масло да се пржат.
  4. Во друга тава со сосема малку масло ставете ги кикириките да се пропржат.
  5. Во подлабок сад измешајте ги соја сосот, медот, кечапот, оцетот, ѓумбирот и топлата вода, па откако месото ќе биде скоро готово турете ја смесата во тавата со пилешкото месо.
  6. Додајте ги и пропржените кикирики и оставете на тивок оган се заедно да прокрчка.
  7. Во меѓувреме пригответе го прилогот. Оризот сварете го и исцедете го од водата.
  8. Во тава на оган ставете масло да се загрее, па додајте ги сецканиот кромид и целер.
  9. Откако кромидот и целерот ќе омекнат додајте го оризот.
  10. Посолете, наросете мелен црн пипер и убаво промешајте. Во средината на чинијата за сервирање ставете од прилогот со ориз. Околу него ставете го топлото пилешко со кикирики. Јадењето послужете го веднаш. На здравје!

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви предлагаме да прочитате: Печено пилешко со компири и пиперки.

Сподели: