чамчиња од модри патлиџани

Полнети „чамчиња“ од модри патлиџани

Модрите патлиџани нудат бројни можности за подготовка на вкусни јадења. Тие се вкусни и кога се подготвуваат со месо, но и во посни јадења. Наш денешен предлог за ручек се полнети „чамчиња“ од модри патлиџани. Овој фантастичен рецепт ни доаѓа од кујната на Лана, а тоа е доволно за да знаете колку е вкусен.

Има многу рецепти за полнети „чамчиња“. Пазарите изобилуваат со овај интересен зеленчук со примамлива боја. Па, ајде да го искористиме и да направиме интересни јадења со него. Најчесто се полнат со фил од месо, а овој пат ви претставуваме една малку поинаква вегетаријанска варијанта. Иако ова јадење не е со месо, тоа е вкусно и вреди да се проба.

полнети чамчиња од модри патлиџани

Состојки:

  • 2 поголеми модри патлиџани
  • 1 главица кромид
  • 2 моркови
  • 2 пиперки
  • 1 домат
  • 1 помала чаша ориз
  • сол по вкус
  • црн пипер по вкус
  • сечкан магдонос по желба
  • лебни трошки
  • пармезан по вкус.

Подготовка:

  1. Модрите патлиџани измијте ги, по должина исечете ги на половина, па малку посолете ги.
  2. Морковите, пиперките, доматот и кромидот добро измијте ги, исчистете ги и исечкајте ги на коцки. Доматот по желба излупете го од лушпата.
  3. Модрите патлиџани издлабете ги од средишниот дел. Средишниот дел исечкајте го на коцки.
  4. Сечканиот кромид, пиперките, морковите, доматите и средишниот дел од модрите патлиџани запрежете ги на загреано масло.
  5. Потоа, во запржениот зеленчук додајте и една чаша ориз и вода колку да го прекрие зеленчукот. Посолете и зачинете по вкус.
  6. Сѐ заедно динстувајте околу 15 до 20 минути и на крај поросете со сечкан магдонос.
  7. Со готовата смеса наполнете ги издлабените модри патлиџани.
  8. Вака подготвените модри патлиџани наредете ги во плех со малку вода и поросете ги со лебни трошки. По желба може да ги поросите и со малку пармезан.
  9. Печете ги во загреана рерна на 250 степени, околу 20 минути. Послужете ги додека се топли. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Мусака од модри патлиџани.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: