Посни бомбици со суви кајсии и урми

Ако спаѓате во групата на луѓе кои тешко се откажуваат од слатките задоволства, а сакате да се храните здраво, имаме супер предлог! Овај рецепт за посни бомбици со суви кајсии и урми ни го подготви нашата пријателка Ана Наумовска (baked_with_love_by_ana). Здрав и вкусен десерт кој ќе ви даде енергија во текот на денот.

Од овие посни бомбици можете да направите повеќе комбинации, во зависност од изборот на состојките. Во секој случај, тие ќе бидат вкусни и ќе ве освојат на прв залак. А ако сте вешти во кујната и сакате да го објавиме вашиот омилен рецепт, пишете ни на Facebook, Instagram или на меил: info@sezahrana.mk

посни бомбици

Редовната консумација на урми поволно делува на организмот. Ова слатко овошје е богато со растителни влакна, протеини, витамини, минерали и на неколку начини го подобрува здравјето. Пред се, урмите се богати со витамини од Б групата, Б1, Б2, Б3, Б5, потоа витамин А и Ц. Исто така се добар извор на калциум, калиум, магнезиум, манган, бакар и железо. Ви издвојуваме неколку придобивки кои ќе ве мотивираат почесто да ги конзумирате:

  • Брзо даваат енергија
  • Го подобруваат варењето на храната и го поддржуваат здравјето на интестиналната флора
  • Богати се со антиоксиданси кои го подобруваат квалитетот на крвта и штитат од канцер
  • Го намалуваат холестеролот
  • Изобилуваат со витамини и минерали кои го поддржуваат здравјето на срцето
  • Помагаат за регулирање на телесната тежина.

Па, да преминеме на рецептот.

Состојки:

  • 190 гр суви кајсии
  • 90 гр суви урми
  • 125 гр индиски ореви (може да се замени со други јаткасти плодови)
  • 40 гр кокос
  • 1/2 лажичка ванила екстракт.

За валкање:

  • кокос.

Подготовка:

  1. Во бледер ставете ги сувите кајсии, урмите, индиските ореви и екстрактот од ванила. Добро изблендирајте ги да добиете хомогена смеса.
  2. Во смесата додајте кокос и убаво измешајте.
  3. Од смесата формирајте бомбици со големина по желба.
  4. Формираните бомбици извалкајте ги во кокос и послужете ги.

Автор на рецептот: Ана Наумовска (baked_with_love_by_ana).

Ви препорачуваме да прочитате: Енергетски бомбици со суво овошје (без шеќер).

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: