Празничен куглоф со јаткасти плодови 1

Празничен куглоф со јаткасти плодови

Празничната трпеза не може да ја замислиме без мек, вкусен куглоф кој се топи во уста. А во оваа прилика ви предлагаме супер рецепт за куглоф со јаткасти плодови! Крцкаво на места и декоративно за око! Овој сладок десерт се подготвува брзо, вкусен е и симпатичен, па во целост ќе го надополни Божиќниот ручек. Благодарение на неговиот лесен вкус, претставува совршен десерт за после богат и обилен ручек, а гарантираме дека целото семејство ќе го одобри!

А, не мора секогаш да има повод, за да си подготвите слатко задоволство за вас и за вашите сакани. Нека секој ден ви биде мотив да направите нешто вкусно кое ќе ви го разубави утринското кафе или пладневниот чај со домашните или пријателите. Овој вкусен куглоф ја има таа моќ! Пробајте го во прва прилика. А потоа, веруваме дека ќе го подготвувате постојано, без разлика дали има специјален повод или не.

Празничен куглоф со јаткасти плодови 2

Состојки:

  • 3-4 јајца во зависност од нивната големина
  • 250 г путер или маргарин
  • 250 г шеќер
  • 250 г брашно
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 1 лажичка мелен цимет
  • 6 лажици млеко
  • 100 гр сечкани јаткасти плодови по желба
  • 200 г чоколадо за готвење или 1 лажица какао по желба.

За декорација:

  • 200 г бело чоколадо за готвење.

Подготовка:

  1. Во длабок сад со миксер изматете ги путерот, шеќерот, ванилиниот шеќер, млекото и јајцата.
  2. Во друг сад измешајте ги сувите состојки. Ставете го прво брашното, па во него додајте ги прашокот за печиво, јаткастите плодови и циметот.
  3. Сувите состојки (смесата со брашно) постепено и со постојано мешање додајте ги во садот со јајцата и млекото.
  4. Калапот за куглоф добро премачкајте го со растопен путер или маргарин.
  5. Чоколадото растопете го на пареа. Пред да ја ставите смесата во калапот за куглоф, дел од неа тргнете настрана и измешајте ја со растопеното чоколадо. Измешајте убаво за да се чоколадира издвоената смеса, а потоа со неа нашарајте го куглофот. Во замена може да искористите една лажица какао.
  6. Потоа, во калапот ставете ја светлата смеса. Со помош на лажица и рамномерно излевање на одредени места или во вид на линии, распоредете ја чоколадната смеса за да ги оформите шарите. Или, за поедноставно, измешајте го какаото или чоколадото за готвење во целата смеса и подгответе чоколаден куглоф.
  7. Вака подготвениот куглоф печете го во загреана рерна на 170 степени, околу 45 до 50 минути. Печениот куглоф прелијте го со растопено бело чоколадо и декорирајте по желба. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Чоколаден посен куглоф.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: