празнични венци

Празнични венци со цимет

Овие празнични венци со цимет се мирисни, со крцкава кора и мека воздушеста внатрешност. Смесата за тесто е иста како за бриош тестото со путер, додека филот може да го направите по ваша желба. Идејата за овие превкусни венци ја најдовме кај Лана, и во оваа прилика уште еднаш и се заблагодаруваме за прекрасниот рецепт.

А, сега замислете дека овие вкусни венци ги печете во ладно и снежно зимско утро и одеднаш домот се преплавува со прекрасен мирис на печено путер тесто и цимет. Ова е доволен мотив за да ги направите, зар не?

Празнични венци со цимет

Состојки:

За тесто:

  • 500 г брашно
  • 25 г свеж квасец
  • 80 г путер
  • 2 лажици шеќер
  • прстофат сол
  • 1 јајце + 1 јајце за премачкување
  • рендана кора од лимон или портокал по желба
  • 250 мл млеко.

За фил:

  • 100 г шеќер
  • 100 г путер
  • 2 лажици цимет
  • мелени бадеми по желба.

Подготовка:

  1. Во сад за месење разматете го квасецот со ½ чаша топло млеко и 1 лажица шеќер. Садот покријте го со кујнска крпа и оставете го на топло место за да се активира.
  2. Откако квасецот ќе нарасне, во садот за месење додајте ги брашното, солта, шеќерот, растопениот путер, јајцето и кората од лимон.
  3. Замесете мазно тесто, така што постепено ќе додавате млеко.
  4. Тестото покријте го со кујнска крпа и оставете го околу 20 минути за да нарасне.
  5. Потоа, тестото поделете го на 4 дела. Од секој дел оформете топче. Топчињата развлечете ги во правоаголни кори и премачкајте ги со растопен путер на собна температура.
  6. Циметот и шеќерот помешајте ги и со нив поросете ги развлечените кори. По желба може да додадете и сечкани бадеми.
  7. Секоја кора завиткајте ја во форма на ролат и со остар нож засечете го по должина. Потоа, сплетете го како плетенка, Постапката повторете ја и со останатите 3 ролати.
  8. Празничните венци наредете ги на плех обложен со хартија за печење. Премачкајте ги со разматено јајце, а по желба може да ги поросите со шеќер. Оставете ги да нараснат околу 10 минути, додека рерната се загрее.
  9. Печете ги во загреана рерна на 200 степени околу 20-30 минути додека поруменат. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Празнични бомбици со бело чоколадо и лешници.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: