ружички со џем од смокви

Ружички со џем од смокви и цимет

Овие ружички со џем од смокви и цимет се совршени за појадок или за слатка ужина, а во комбинација со чаша кафе загарантирано ќе ви го направат денот поубав. Доколку немате мармалад од смокви, може во замена да искористите и некој друг овошен мармалад или џем.

Убавото кај овој рецепт е тоа што тестото може да го подготвите еден ден порано, а утредента само да ги испечете. Сигурни сме дека нивниот вкус ќе ве воодушеви, а нивната мекост ќе ве маѓепса, па ќе ги правите повторно и повторно. Повеќе фотографии од рецептот погледнете на блогот на Лана.

ружички со мармалад

Состојки:

  • 500 г брашно
  • 25 г свеж квасец
  • ½ лажичка сол
  • 100 г шеќер
  • 100 г растопен путер
  • 1 јајце
  • 200 мл млеко
  • рендана кора од лимон
  • 150 мл млеко за преливање

За фил:

  • 4-5 лажици мармалад или џем од смокви
  • 1 лажичка цимет

Глазура:

  • 150 г шеќер во прав
  • лимонов сок
  • 2 лажици жешка вода.

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете ги брашното, квасецот, маслото, топлото млеко, шеќерот, солта, растопениот путер и јајцето. Нарендајте и малку кора од лимон и замесете мазно тесто кое нема да се лепи за рацете.
  2. Садот за месење покријте го со кујнска крпа и оставете го тестото да нарасне околу 20 минути.
  3. Потоа, од вака подготвеното тесто развлечете една правоаголна кора.
  4. Потоа, подгответе го филот за премачкување на ружичките. Во џемот од смокви додајте 1 лажичка цимет. Доколку во џемот има покрупни парчиња овошје со помош на рачен блендер изблендирајте го за да добиете хомогена смеса.
  5. Со вака подготвениот џем од смокви премачкајте го развлеченото тесто.
  6. Потоа, тестото завиткајте го како ролат по должина и исечете го на 10-12 еднакви делови.
  7. Плехот за печење премачкајте го со малку масло. Врз премачканиот плех наредете ги ружичките и оставете ги да нараснат околу 10 минути.
  8. Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени околу 30-35 минути.
  9. Кога ружичките се при крај со печење, извадете ги од рерна и прелијте ги со млеко, па вратете ги уште дополнителни 5-10 минути да се допечат.
  10. Потоа, подгответе ја глазурата. Во длабок сад измешајте го шеќерот во прав со малку лимонов сок и жешка вода. Мешајте се додека ја добиете посакуваната густина.
  11. Готовите ружички прелијте ги со вака подготвената глазура. По желба, наместо со глазура може да ги поросите се шеќер во прав. Послужете ги додека се топли.

Совет плус: Наместо со џем, ружичките може да го премачкате со путер, шеќер и цимет.

Ви предлагаме да прочитате: Ружички од готови кори со солен фил.

Сподели: