тесто за пица од интегрално брашно 1

Совршено тесто за пица од интегрално брашно – посна

„Месењето со интегрално брашно за мене е нормално секојдневие. Но, колку што знам, не сите умеат да приготват убави јадења со него. Неодамна споделив на стори една комбинација која често ја подготвувам и пријатно сум изненадена од интересот за пица од интегрално брашно. Додека да го рафинирам рецептот за да биде најдобар, го имам правено повеќе од 30 пати. Секој пат беше убаво за јадење и уживавме со моето семејство, но сега тестото беше совршено. Па, еве како да стигнете до тоа“, – вели Катерина од нашиот тим. 

„Знам дека ако го пробате, ќе ми бидете благодарни. А, за да можете потполно да стигнете до идеален резултат, следете ги моите детални инструкции и совети подолу! – срдечно препорачува Катерина.

тесто за пица од интегрално брашно 2

Состојки:

За тестото:

  • 5 грама сув квасец
  • 1/2 до 1 рамно лажиче сол (зависно од додатоците горе)
  • 1 мало лажиче кафеав шеќер
  • 2 лажички интегрално брашно – грахам 
  • 1 и 1/2 лажица маслиново масло
  • 130 мл млака кон топло вода
  • 200 грама грахам или друго интегрално брашно за во тестото и дополнително по потреба за оформување на пицата.

Предлог посни додатоци за оваа доза на тесто:

  • доматен сос, 2-4 лажици по желба
  • оригано од Рајска Градина по потреба
  • тенки прстени од една помала или ½ главица кромид
  • тенки кругови од 1 помала или ½ тиквичка 
  • 200 – 250 грама печурки исечени на тенки листови.

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете ги квасецот, солта, шеќерот и 2-те лажички брашно. 
  2. Промешајте со лажица, па додајте ја прво млаката вода, а потоа и маслото. 
  3. Додајте прво 200 грама брашно и со лажицата мешајте убаво за да се ,,замеси” тестото. Кога ќе е скоро оформено, домесете со рака. Тестото треба да е мноогу меко и малку влажно, но нелепливо и соединето. Покријте го со најлонска фолија и оставете го да нарасне, од прилика 20 минути или додека го спремате ,,топингот”.
  4. Кога тестото е спремно, поросете брашно на работната површина и пренесете го од садот за месење. Поросете со брашно и одозгора и со помош на прстите оформете доволно тенка пица во средината, со убави воздушести рабови. Ви ја откривам тајната за совршено да ви се испече и во домашната рерна, со вилушка прободете го тестото 10-тина пати, но никако на рабовите. Додајте „топинг“ по желба и на здравје.
  5. Печете во потполно загреана рерна на 250 степени, за време од 13 минути и уживајте! ❤

Предлог за „топинг“ од Катерина:

„За додатоци одозгора, во оваа прилика користев 1 свеж домат – претворен во пире со помош на сечко, можете било каков доматен сос по желба. Поросив оригано од Рајска Градина, наредив една помала главица кромид исечена кружно и расчленета на прстени, половина тиквичка исечена на тенки кругови, 5-6 печурки исечени на тенки листови. Додатоците ги додавав по редоследот по кој ви ги набројав. Превкусно и многу лесно за јадење!“.

„Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина.

Совети плус:

  • За тестото може да користите сончогледово масло за замена. 
  • Ако ви е тешко да го оформите и ви се кине, само додајте брашно и премесете, но пак тестото треба да е меко, за потоа да остане воздушесто.
  • Не заборавајте да го примените советот со вилушката, важно е за убаво да се испече.

Наша препорака: Ориганото со задоволство го набавуваме од проверената палета на Рајска Градина. Отворете ја нивната фан страница на Facebook, Инстаграм профил или веб страница и разгледајте ја широката палета на проверено вкусни зачини.

оригано рајска

Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска@katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате: Солени стапчиња со оригано, буковец и копар.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

*Спонзориран рецепт.

Сподели: