Со физичка активност до подобро здравје

Многу често слушаме дека исхраната има големо влијание на нашето здравје. Ова е една голема вистина, но постојат и други фактори кои може позитивно да влијаат на здравјето. Можеби еден од позапоставените фактори за добро здравје е редовната и умерена физичка активност, односно вежбањето. Затоа во текстот што следува прочитајте за тоа на кои начини вежбањето може да влијае на подобрување на нашето здравје.

Со денешниот стил на живеење луѓето се повеќе го минуваат своето време во седење на работа или во гледање телевизја во слободно време. Овој начин на живот во кој сосема е запоставена физичката активност е сигурен пат кон сите болести.  Една одлична споредба за тоа како вежбањето го подобрува општото здравје можеме да ви претставиме преку изреката дека ако нешто не се употребува, набрзо ќе се расипи. Ова можеме да го кажеме и за нашите мускули, коски и внатрешни органи, кои не работат оптимално при услови на недоволна физичка активност. Ако ова не ви беше доволно за да ве мотивира да вежбате тогаш прочитајте ги и следните здравствени придобивки кои му ги нуди вежбањето на нашето тело.

физичка активност

9 здравствени придобивки кои ни ги нуди редовната физичка активност

  1. Вежбањето ни помага да се чувствуваме добро! Ќе се ослободиме од стресот, ќе произведеме хормони кои предизвикуваат појава на позитивни чувства, а воедно допринесуваат и за подобро здравје.
  2. Го зајакнува срцето. Со оглед на тоа дека кардиоваскуларните болести се сеуште причина број еден за смртност во светот, добро е да ги превземеме сите активности со кои можеме да спречиме нивно настанување.
  3. Редовната физичка активност го намалува крвниот притисок и го намалува забрзаниот пулс, со што се штитат крвните садови и срцето од напрегање.
  4. Го намалува нивото на „лошиот холестерол“, а воедно и го покачува нивото на „добриот холестерол“ со што се намалува ризикот од кардиоваскуларни болести.
  5. Ги зајакнува коските. Редовната физичка активност им помага на коските полесно да го апсорбираат и да го задржат калциумот, со што се превенира појава на остеопороза.
  6. Ја намалува депресијата. Вежбањето во природа е добро средство во борба против лошото расположение.
  7. За повеќе енегрија, редовно вежбајте! Вежбањето може да ни помогне да се чувствуваме поенергични и помотивирани за извршување на сите работни и домашни активности.
  8. Вежбањето е најважниот соработник на исхраната во обидите за намалување и контрола на телесна маса.
  9. Вежбањето ја подобрува циркулацијата, а со тоа се овозможува подобар доток на крв во мозокот. На овој начин се подобрува концентрацијата, а добрата циркулација овозможува правилно снабдување со хранливи материи на сите клетки и ткива, и полесно отстранување на сите штетни материи од нашето тело, што е најважно во превенцијата од настанување на болести. Добрата циркулација ги забрзува и процесите на заздравување на рани и ни овозможува подобар сон.

Автор: Маја Велковска.

Ви предлагаме да прочитате: 3 совети за брзо опоравување после напорно вежбање.

Сподели: