сируп од корпива и лимони

2 рецепти за домашен сируп од коприва и лимони

Пролетта ни пристигна! Природата се разубави, а тука се и младите листови од коприва, кои традиционално се користат во алтернативната медицина низ цел Балкан. Копривата се смета за универзален еликсир за чистење и зајакнување на крвта, природна намирница која помага при анемија, проблеми со бубрезите, астма и опаѓање на косата. Може да се консумира на различни начини, меѓу кои и како домашен сируп од коприва и лимони. Во продолжение ви претставуваме два рецепти за подготовка на домашен сируп од коприва и лимони, со варење и без варење.

Овој сируп од коприва и лимони е вкусен, па се препорачува и за оние кои имаат здравствени проблеми, но и оние кои едноставно сакаат природен, вкусен и здрав пијалак во секој дел од денот. Лимоните се одличен извор на витамините Ц и Б, протеини, јагленохидрати и фосфор. Особено е значајно присуството на флавоноидите кои делуваат антиоксидативно, ги неутрализираат штетните радикали, го намалуваат ризикот од појава на канцерогени заболувања и помагаат при третман на различни болести. Повеќе за придобивките прочитајте на Лимон – 10 причини кои го прават супер здрава храна.

Сирупот може да го направите и сами во комбинација со мед, стевиа или кафеав шеќер по желба. Најважно е да се користат млади листови од коприва, собрани од подрачје кои не е покрај пат или е загадено со индустриско производство. А по желба количината на состојките зголемете ја.

сируп од коприва и лимони

Состојки:

  • 500 мл вода
  • 200 грама свежи млади листови од коприва
  • 4 помали лимони
  • 400 грама кафеав шеќер (или друг засладувач по желба)
  • 3 лажици ливадски мед.

Подготовка:

  1. Листовите од копривата добро измијте ги.
  2. Трите лимони исечете ги на кругови. Доколку користите домашни, непрскани лимони, може да ја оставите и кората. Во спротивно, прво излупете ги, а потоа исечете ги на кругови.
  3. Во сад ставете ја водата, копривата и парчињата лимон. Оставете го садот да отстои за време од 24 часа.
  4. Следниот ден добро изгмечете ги сите состојки, а течноста процедете ја. Додајте засладувач (шеќер, стевиа) и свежо цеден сок од преостанатиот лимон.
  5. Течноста ставете ја да се вари. Штом зоврие оставете да се вари за време од 5 минути, а потоа постојано мешајте. Ако се појави пена, отстранете ја.
  6. Медот додајте го штом сирупот се излади, пред да го ставите во стерилизирани шишиња. Шишињата добро затворете ги и чувајте ги на темно и ладно место.
  7. Сирупот од коприва можете да го направите и без варење. Садот со копривата, водата и лимонот оставете го 24 часа од отстои, а потоа процедете ја течноста. Во течноста додајте ги засладувачите, добро измешајте и оставете уште 3 до 4 часа. Штом шеќерот се растопи, сирупот ставете го во стерилни шишиња.
  8. Домашниот сируп искористете го во рок од 6 месеци. Растворете го како и секој друг сируп. Во чаша ставете мала количина на сируп и дополнете со 200 мл вода. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Домашен сируп од коприва за прочистување на крвта.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: