Нема човек кој може да му одолее на примамливиот изглед на популарниот колач куглоф. Но, ретко кој може да го погоди во печењето. Често останува или недопечен или препечен, а неретко се лепи за калапот и се распаѓа при вадењето. Затоа, многу домаќинки се откажуваат од неговото правење и се задоволуваат со купечките кои не се толку вкусни и сочни како домашните. Ви претставуваме неколку совети со кои секогаш ќе испечете совршен колач во калап за куглоф!
Вреди да ги разгледате овие неколку совети кои може да ви бидат од огромна корист при печење на колач во калап. Така секогаш ќе бидете сигурни дека нема залудно да го потрошите вашето време и состојките ќе бидат искористени на најдобар можен начин.

Како да избегнете колачот да се залепи за калапот?
За да не ви се залепи колачот за калапот, потребно е да посветите посебно внимание при неговата подготовка. Многу жени се соочуваат со овој проблем, дури и кога користат поскапи модели на калапи за куглоф. А тајната е едноставна. Се што треба да направите е да го премачкате калапот со путер, а потоа да го поросите со тенок слој брашно. Како замена за брашно може да користите и лебни трошки или какао доколку колачот е чоколаден.
Растопениот путер се премачкува со силиконска четка врз калапот. Вака премачканиот калап се остава неколку минути во фрижидер за да се стегне, а потоа се посипува со брашно. Калапот треба добро да се протресе, за брашното да се распореди рамномерно. На крај, едноставно превртете го калапот и удрете го неколку пати со цел да испадне вишокот на брашно и да се спречи да останат остатоци од брашното врз колачот.
Како правилно се печи колач во калап за куглоф?
Овој вид на колач се печи на температура од околу 160 степени за време од околу 40 минути. Но сепак, треба да се има на ум дека сите рерни на печат исто. Па така, по самиот изглед на колачот може да се процени и јачината на температурата во рерната. Доколку колачот почне да се вдлабнува, тоа значи дека температурата е ниска, а доколку почне да се подигнува тогаш температурата е висока. Понекогаш е подобро колачот да се печи на пониска температура подолго време. Најважно е во првите 30 минути да не се отвора рерната. Доколку сметате дека колачот е испечен, но не сте сигурни, може да проверите така што во средината на тестото ќе боцнете чепкалка за заби или нож. Ако останат остатоци од тестото на ножот или чепкалката, тоа значи дека колачот не е доволно печен.
Кога да го извадите колачот од калапот после печењето?
Откако колачот ќе се испечи, оставете го да стои околу 15 минути, а потоа извадете го од калапот.
Ви препорачуваме да прочитате: Едноставен шарен куглоф.