Ако сакате да припремите слатка и вкусна радост, а немате премногу време, нашиот испробан рецепт за шарен куглоф и тоа како е одлична идеја за брз и лесен десерт.
Супер се вклопува за со кафенце со друштвото, а веруваме и дека ако ги изненадите домашните ќе бидат многу задоволни. Состојките се лесно достапни, па пробајте го деновиве, ќе уживате!
Состојки:
- 1,5 шолја бело брашно
- 6 јајца
- прстофат сол
- 1,5 шолја шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 1 ќесичка прашок за печиво
- ½ шолја масло
- рендана кора од еден лимон
- 1-2 лажици чоколадно какао за чоколадната шара
- 100 гр црно чоколадо за декорација, по желба.
Подготовка:
- Најпрво издвојте ги белките од жолчките, па во сад за матење изматете ги белките заедно со прстофат сол. Матете ги додека се претворат во цврст снег, а потоа додајте ги шеќерот и ванилиниот шеќер.
- Во друг сад за матење убаво изматете ги жолките, па кон нив додадете го маслото и со лажица измешајте ја смесата.
- Во садот со жолчките додадете ги и изматените белки и повторно измешајте за да се формира изедначена смеса која ќе биде целосно хомогена.
- Откако ќе видите дека смесата е убаво измешана, додадете ги брашното, печивото и ситно ренданата кора од лимон.
- Пред да ја турите смесата во калапот за куглоф, дел од неа тргнете на страна и во него додајте го какаото. Измешајте го за убаво да се чоколадира издвоената смеса, а потоа со неа ќе можете да го нашарате куглофот.
- Куглофот припремете го така што ќе го намрсите и ќе го набрашните, а потоа во него ставете ја светлата смеса. Со помош на лажица и рамномерно излевање на одредени места или во вид на линии, распоредете ја чоколадната смеса за да ги оформите шарите.
- Вака припремениот шарен куглоф печете го во претходно загреана рерна на 200 степени, за време од околу 40 минути.
- Со помош на лажица, по желба, горната површина на едноставниот шарен куглоф може да ја декорирате со топено црно чоколадо.
Сервирајте и на здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Чоколаден посен куглоф.