4 предлози за здрав појадок 1

4 предлози за здрав појадок

Без разлика дали сакате да ја намалите вашата телесна тежина или едноставно да ја задржите моменталната, здравиот појадок е многу важен оброк и во двата случаи. Со прескокнување на појадокот, го забавувате вашиот метаболизам и го оставате телото без брз извор на енергија во моментите кога сте најактивни и кога енергијата ви е најпотребна. Најдобриот избор за појадок секако е свежата храна која има полна нутритивна вредност и сеуште ги содржи ензимите кои ќе го олеснат нејзиното варење. Ние ви предлагаме 4 предлози  за здрав појадок, од кои три се благи и еден е солена варијанта.

Секако, по желба можете идеите да ги модофицирате според вашите потреби и да ги претворите во вкусен и здрав појадок според ваша мерка.

Смуди со овошје и семиња

Потребни ви се: 1-2 банани, 1-2 јаболка, 2 лажици мелен интегрален сусам, 1 лажица мелено ленено семе, 1 лажичка мелено чиа семе, по желба може да додадете и 2-3 лажици аронија, малини, капини или боровинки, доколку сакате поблага верзија можете да додадете и некое парче суво овошје во смесата.

Ова смуди ќе ви даде околу 500-700 ккал во зависност од количината на овошје која ќе ја употребите, а исто така ќе ви даде и изобилство на витамини, антиоксиданти и растителни влакна кои ќе ви овозможат постепено ослободување на енергијата и одржување на нормално ниво на шеќерот во крвта се до следниот оброк.

4 предлози за здрав појадок 2

Варени житарици со ореви и суво грозје

Измешајте: околу 1-2 шолји варен овес, 50 гр мелени ореви, суво грозје по желба.

Изберете суров овес кој ќе го сварите во вода, наместо инстант снегулки, бидејќи природната храна секогаш е подобар избор од процесираната храна. Овој појадок ќе ви даде околу 600-800 ккал во зависност од количината на овесот и сувото гројзе кое ќе го додадете. Во организмот ќе внесите и здрави масти, омега-3 масни киселини, растителни влакна, сложени јаглехидрати и други важни и корисни нутриенти.

Интегрален леб со намаз од јатки, семки или авокадо и маслинки

Доколку за појадок сакате да јадете нешто солено, тогаш најдобар избор е свежа сезонска салата со неколку парчиња интегрален леб и намаз (од сончоглед, од наут, путер од кикирики или можете авокадото да го искористите како намаз, а како прилог да додадете и маслинки). Салатата е богат извор на минерали и витамини, антиоксиданси и влакна, а интегралниот леб ќе ви обезбеди енергија (преку сложените јаглехидрати) и добра и постепена дигестија (поради влакната). Јатките, семките и авокадото се извор на здрави масти кои ви помагаат да го намалите штетниот холестерол и да го одржувате добриот холестерол во нормални граници.

Овошна салата со млеко од бадем

Направете си комбинација од вашето омилено свежо овошје, (4-5 овошки ви се сосема доволни), насечкајте го овошјето, додадете цимет или некој друг зачин по желба, малку суво овошје, мелен сусам или лен. Како прилог на салатата можете да си подготвите растително млеко од 50 гр бадеми, кое ќе ви ги даде потребните протеини и ќе ја зголеми енергетската вредност на појадокот.

Автор: Маја Велковска.

Ви препорачуваме да прочитате: Редовен здрав појадок е клучен во секоја возраст, а посебно за децата.

Сподели: