Запекот или уште како што стручно се нарекува констипацијата, како и чувството на надуеност и гасови, се проблеми за кои најчесто луѓето се страмат да побараат стручна помош од доктор, па често пати истите завземаат замав и предизвикуваат потешки последици. Овие состојби се навистина непријатни и исцрпувачки. За среќа постојат лекови со кои може да се олеснат истите, но лекувањето е краткотрајно и најчесто доколку не се елиминираат причинителите на ваквите состојби, симптомите ќе се појават повторно. Редовното консумирање на некои вообичаени намирници може значително да помогне во намалувањето на проблемите поврзани со варењето на храната и перисталтиката на цревата.
Во продолжение ви претставуваме листа на намирници чие консумирање ја подобрува работата на цревата и ги олеснува симптомите како што се запек, чувството на надуеност и гасови.

Грав
За да се олесни работата на цревата треба редовно со исхраната да се консумираат растителните влакна. Една шолја грав содржи 19 грама растителни влакна, а препорачаната дневна доза е 25 грама на ден. Па, во комбинација со интегрален леб и овошје како десерт вие веќе сте ја внеле препорачаната доза на растителни влакна. Освен тоа, гравот е богат со протеини, па претставува одлична замена на месото. Гравот најчесто се избегнува затоа што предизвикува гасови, меѓутоа едно истражување објавено во списанието Nutrition Journal докажало дека лицата кои интензивно го консумирале гравот имале значително помалку гасови од тоа што очекувале. После седум дена од ова истражување, органите за варење на испитаниците се навикнале на ваквиот начин на исхрана, па гасовите се намалиле за дополнителни 19%.
Кефир
Многубројните живи култури на бактерии и габи кои се наоѓаат во кефирот ја обновуваат цревната флора и значително ја подобруваат работата на цревата, но и на имунитетот.
Ферментитан зеленчук
И свежата зелка е веќе доволно здрава, но кога ќе се закисели, изобилува со разновидни бактериски култури кои ги нема ни во синтетичките пробиотици. Тие не само што го олеснуваат варењето на храната, туку и го зајакнуваат општиот имунитет на организмот.
Здрави масти
Мастите ги „подмачкуваат“ органите за варење и го помагаат движењето на храната низ цревата. Но, не сите масти се здрави. Маргаринот и рафинираните растителни масла е подобро да ги избегнувате. Секогаш бирајте масла како што се маслиновото или пак ладно цедено сончогледово, бидејќи тие го потикнуваат лачењето на желудочните киселини. Едно истражување покажало дека ниското ниво на здрави масти во крвта е поврзано со синдромот на надразливи црева.
Ѓумбир
Илјадници години во природната медицина ѓумбирот се користел за ублажување на мачнините, повраќањето и надуеноста. Па така, може да го додавате во салата или супа, но секогаш треба да се внимава да не се претера со неговата употреба, бидејќи повеќе од 4 грама на ден може да предизвика киселини.
Банана
Кога имате пролив, организмот губи електролити и калиум, па затоа бананата е одличен начин да се поврати електролитската рамнотежа во организмот. Освен тоа, таа делува смирувачки на слузокожата на желудникот.
Вода
Водата игра огромна улога во процесот на варење на храната. Консумирањето на доволно количество вода е еден од најлесните и најефикасните начини желудникот и цревата да работат добро. Исто така, ако консумирате доволно количество на растителни влакна, неопходно е да се консумира и доволно количество на вода, бидејќи тие наместо да го помогнат движењето на храната низ цревата, ќе делуваат како чеп и ќе бидат нејзина препрека.
Ви препорачуваме да прочитате: Што причинува запек и како да го решите.