7 причини кои доведуваат до трнење на рацете и нозете 1

7 причини кои доведуваат до трнење на рацете и нозете

Чувството на трнење на рацете и нозете е честа и многу непријатна појава. Ако понекогаш сте се запрашале зошто ви трнат рацете и нозете, поради која причина се појавуваат овие симптоми и како да се ослободите од истите, вие сте на вистинското место.

Во поголемиот број на случаеви трнењето на рацете и нозете е безопасно и настанува како резултат на притисокот врз нервните завршетоци. Најчесто се јавува доколку раката ви е во неправилна положба додека спиете или пак нозете предолго ги држите прекрстени во иста положба. И во двата случаеви ова чувство е безболно и брзо поминува.

7 причини кои доведуваат до трнење на рацете и нозете 2

Но, во некои случаеви може да се појави хронично и долготрајно трнење на екстремитетите. Доколку истото е проследено и со други симптоми како што се чешање, болка и губење на мускулна маса, тоа може да биде знак за оштетување на нервите. До оваа појава може да дојде како резултат на некоја повреда, бактериска или вирусна инфекција, изложеност на отрови и некои заболувања како дијабетес. Ваквото оштетување на нервите е познато и како периферна неуропатија. Затоа, многу е важно навреме да се воспостави точна дијагноза. Па доколку почуствувате некој од овие симптоми, веднаш посетете доктор. Колку порано реагирате, толку е помала можноста за појава на некои посериозни оштетувања и последици. Во продолжение дознајте кои се најчестите причинители на трнење на рацете и нозете.

Дијабетес

Дијабетесот е еден од најчестите причинители на периферна неуропатија. Во овој случај трнењето најпрво се појавува во двете стапала, а потоа непријатното чувство се проширува нагоре по нозете. Истото чувство се појавува и во рацете. Дури 2/3 од лицата кои се заболени од дијабетес имаат некој облик на периферна неуропатија, а во многу случаеви токму трнењето е и првиот симптом за дијабетес.

Некои системски заболувања

Тука се вклучени болестите на срцето, бубрезите, црниот доб, болести на крвта и кардиоваскуларниот систем, оштетување на сврзното ткиво, хронични воспаленија, хормонален дисбаланас, како и некои бенигни и малигни тумори кои вршат притисок врз нервите.

Недостаток на витамини

Витамините Е, Б1, Б6, Б12 и ниацин се од огромна важност за здрава функција на нервите. Недостатокот на витаминот Б12 може да доведе до пернициозна анемија која може да предизвика периферна неуропатија. Исто така, и зголеменото ниво на витаминот Б6 во организмот може да доведе до трнење на рацете и нозете.

Долготраен и нелечен алкохолизам

Кај алкохоличарите често се забележува недостаток на тиамин, како и некои други важни витамини поради лошата и нездрава исхрана која истите ја практикуваат. Тоа е и главната причина зошто алкохоличарите често страдаат од периферна неуропатија.

Присуство на токсни во организмот

Тешките метали како што се живата, арсенот и талиумот, како и хемикалиите кои се пронајдени во индустриските области често предизвикуваат трнење на нозете. Освен тоа, причинител на ова непријатно чувство може да бидат и одредени лекови, хемотерапија, лекови против канцер на бели дробови, некои антивирусни лекови и антибиотици.

Инфективни заболувања

Некои инфективни заболувања како што се лајмската болест, херпес зостер, цитомегаловирус, Епстин- Бар синдром и херпес симплекс често може да доведат до периферна неуропатија.

Автоимуни заболувања

Автоимуните заболувања како лупус и ревматиден артритис многу пати предизвикуваат непријатно чувство на трнење на екстремитетите.

Ви препорачуваме да прочитате: 7 симптоми кои укажуваат на недостаток на витаминот Б 12.

Сподели: