варени-ѓевречиња

Варени ѓевречиња – домашен рецепт

„Најдобриот рецепт за варени ѓевречиња!“ – Безброј пати сте ми го кажале ова, а мене ми е навистина драго што ги споделив со вас уште многу одамна и драго ми е што небројно многу пати сте ми испратиле фотографии и сте ми раскажувале за среќните и задоволни емоции од трпезата полна со совршен вкус на едноставно јадење! Готвењето е за давање љубов, ширете ја! – вели Катерина Шамбевска Спасеновска фудблогер и уредник од нашиот тим.

Варени ѓевречиња се секогаш одлична идеја, затоа овој пат ви предлагам да ги направите по мојот испробан домашен рецепт кој ги воодушеви сите кои го пробаа. Постапката е интересна, ве уверувам ќе уживате! А, ако и покрај деталниот опис имате некакво прашање, слободно обратете се во порака за помош.“ – додава Катерина, која може да ја следите на инстаграм @katerina.shambevska.

варени-ѓевречиња

Состојки:

  • 1 кг брашно
  • 1 коцка квасец
  • 2-3 лажици масло
  • 1 лажиче сол
  • 1 попразно лажиче шеќер
  • околу 400 гр сусам
  • 2-3 лажици мед.

Подготовка:

  1. Во сад за месење се ставаат квасецот заедно со солта и шеќерот, па се додава околу 100 мл млака вода.
  2. Откако квасецот ќе се стопи (со повремено промешување ќе се стопи побрзо) се додава уште 400 мл млака вода, брашното и маслото.
  3. Тестото се меси убаво и се внимава да не се лепи по рацете и да биде доволно мазно.
  4. Потоа тестото се дели на мали топчиња, зависно од вашата желба за големината на ѓевречињата (ѓевречињата на фотографијата се направени од топчиња малку поголеми од орев).
  5. Секое од направените топчиња поединечно се сукаат со раце, за да добијат долгунеста форма која потоа се поврзува во ѓеврече. Пожелно е готовото ѓеврече веднаш да го ставите во претходно припремена вода со мед која врие на оган, бидејќи доколку постојат нараснуваат и стануваат помеки и потешки за работа. Количината на вода и мед варира и се прилагодува зависно од големината на садот во кој ќе се варат.
  6. Вареното ѓеврече е спремно за вадење кога од дното на садот ќе се крене на површината.
  7. Со помош на голема кујнска лажица со дупки, ѓевречето се вади од водата со мед, па се става директно во садот со сусам и добро се налепува од сите страни.
  8. На крај, се ставаат во претходно припремен плех, кој може да биде обложен со пекарска хартија или малку намрсен.
  9. Се печат на 250 степени додека убаво не заруменат.

Овие домашни варени ѓевречиња се погодни за домашни и гости, за носење на работно место или за пакување на дечиња кои одат на училиште,  одлични се како закуска при патувања и просто неодоливи за сите. Испробани се и тврдиме дека се исклучително вкусни!

Сподели: