Лесен оброк - задушен ориз со тиквички и кора од лимон 1

Лесен оброк – задушен ориз со тиквички и кора од лимон

Оризот важи за една од најзастапените намирници во македонската традиционална кујна, а овој пат ќе имаме можност да го пробаме вкусно припремен и во вид на лесен оброк, т.н. задушен ориз со тиквички и кора од лимон. Одлично јадење!

Весна е голем љубител на кујната и со голема страст готви прекрасни јадења и десерти. Еве што вели таа за овој нејзин интересен специјалитет „Оризот секогаш вака го подготвувам, само сега додадов тиквички и кора од лимон. Ние го викаме задушен ориз. За ова жешко време, одличен освежителен ручек, а може да биде и како салата или прилог, како сакате. Уживајте!“

Лесен оброк - задушен ориз со тиквички и кора од лимон 2

Состојки:

  • 250 гр ориз (се готви во сооднос 1:3, односно 1 чаша ориз со 3 чаши вода)
  • 1 морков
  • 1 црвена пиперка
  • 1 тиквичка
  • 2 лажици магдонос
  • масло по потреба
  • сол и бел пипер по потреба
  • 1 лажиче сушен зеленчук
  • 1 кора лимон.

Подготовка:

  1. Најпрво подгответе ги морковот, пиперката и тиквичката на мали коцкички. Морковот и пиперката пропржете ги во малку масло.
  2. Оризот измијте го и додадете го во тавата со морковот и со пиперката, и кратко пропржете.
  3. Потоа додадете ги тиквичките и продолжете со пржењето.
  4. По кратко време додадете ги и сувите зачини.
  5. За оризот да биде убав и да се „брои“, додадете 3 чаши врела вода, па оставете да врие на средна температура околу 12 минути.
  6. Во последните минути, додајте го магдоносот и убаво измиена кора од лимон (која може да ја изрендате), додека оризот сеуште има вода.
  7. Силно протресете ја тавата, немојте да мешате. По 12 минути, тавата тргнете ја на страна и покријте ја со капак. Оризот треба да е алденте.
  8. Чекајте најмалку 20 минути до половина час, оризот да си ја земе водата. Сервирајте и на здравје!

Рецептот го испратил: Весна Рор, Со љубов за вас.

Ви препорачуваме да прочитате: Најдобриот рецепт за рижото со зеленчук.

Сподели: