Баклава со ф`стаци 1

Баклава со ф`стаци

Баклавата е еден од омилените десерти на нашите простори и ја има во разни варијанти за приготвување, а овој рецепт за баклава со ф`стаци е нашата испробана добитна комбинација за сензационално задоволство.

Баклава со ф`стаци 2

Состојки:

  • 400 гр готови кори за баклава
  • 200 гр исчистени ф`стаци (може и малку повеќе по желба)
  • 200 гр путер или маргарин
  • 100 гр кисела вода
  • малку масло за попрскување од горе (околу 50 мл)

За шербет:

  • 550 гр шеќер
  • 700 гр вода
  • 3 лажици мед
  • 1 лажиче цимет.

Подготовка:

  1. Ф`стаците изблендирајте ги, така што ќе оставите и покрупни парчиња или ситно исечкајте ги.
  2. Путерот растопете го.
  3. Ако корите за баклава се многу танки кори редете ги по 4 за секоја ролна. Доколку користите поцврсти/подебели, доволно е да ставите две кори.
  4. Помеѓу секоја кора попрскајте малку путер, вклучувајќи ја и најгорната кора врз која се поставува филот.
  5. Филот, односно мелените ф`стаци, се става на почетокот на кората во еден ред и потоа корите се виткаат во ролна. Додека виткате, краевите малку свиткајте ги на внатре за филот да не истекува. Виткајте малку лабаво, без голем притисок.
  6. Наредените кори одозгора попрскајте ги со маслото и киселата вода, а доколку ви останал стопен путер можете да го додадете и него.
  7. Така припремените кори исечете ги на парчиња со големина која вам ви одговара.
  8. Печете на 190 степени додека кората од горе не добие од убава жолта кора.
  9. Во меѓувреме сварете го шербетот. Водата и шеќерот нека вријат околу 10 минути, а потоа додадете го медот и на крај циметот. Варете уште околу 5 минути, зависно од тоа колку сакате да е густ шербетот.
  10. Се потура ладен или млак шербет врз ладна баклава, или топол (но никако жежок) шербет врз топла баклава.
  11. Оставете неколку часа да се впие шербетот.
  12. По желба може да го декорирате секое парче со дробени ф`стаци.

Рецептот го испратил: Клара Бос.

Сподели: