Претходно имавме приготвено мини интегрални палачинки со урда и ким, кои многу ни се допаднаа. Така се роди идејата да направиме слична варијанта, на солени мини палачинки, но овој пат без глутен.
Основата на овие меки и вкусни палачинки е изварката, а вкусот е надополнет со здрави состојки. Рецептот е брз и едноставен за подготовка, а ќе ви одземе околу 5 минути. Од наведената количина на состојки ќе добиете 5 мини палачинки, па доколку ви се потребни повеќе, слободно зголемете ја количината на состојките.
Состојки:
- ½ чаша изварка
- ¼ чаша јогурт
- 1 јајце
- ¼ чаша овесно брашно
- ½ мала лажичка прашок за печиво
- 1 мала лажичка мелено ленено семе
- 1 мала лажичка мелени семки од тиква
- ким и хималајска сол по вкус.
Подготовка:
- Во длабок сад ставете ги изварката и јогуртот. Измешајте ги со жица за матење.
- Жолчката одделете ја од белката. Жолчката ставете ја во садот со изварката и повторно измешајте.
- Брашното, прашокот за печиво, солта и кимот ставете ги во мал, длабок сад. Измешајте ги со лажица, а потоа додајте ги во садот со изварката. Повторно измешајте.
- Белката ставете ја во подлабок сад и измешајте ги со чиста жица за матење додека се добие пенa. По желба може да користите и миксер. Изматената белка додајте ја во садот со изварката и измешајте со лажица за да се соединат состојките.
- Тавата за палачинки ставете ја да се загрее на оган на умерено висока температура. Загреаната тава премачкајте ја со малку ладно цедено масло. Потоа, со помош на црпалка формирајте мини палачинки во загреаната тава. Печете ги за време од една минута, односно додека се појават меурчиња на горната страна. Потоа превртете ги од другата страна и продолжете со печењето уште една до две минути.
- Печените солени мини палачинки со изварка послужете ги со сос ваш избор. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Рецепт за највкусните американски палачинки.