Сите кои го обожаваат вкусот на познатите ексклузивни десертни залчиња, сега може и дома да си ги подготват тотално неодоливите бели фереро топчиња и да уживаат во нивниот богат и уникатен вкус!
Сме ги правеле многу пати до сега, а конечно дојде и нивниот ред да бидат споделени со сите вас. Омилени се во нашата кујна и навистина може да се каже дека нема доволно убав збор кој може да го опише нивниот вкус и убавина, елегантно и префинето уживање за свечени прилики, убави поводи, секојдневни и посебни моменти. Вредни за секоја калорија!
Состојки:
- 200 гр бел еурокрем
- 200 гр несолени печени кикири за готвење
- 100 гр млечни наполитанки
- 100 гр бело чоколадо.
Подготовка:
- Најпрво иситнете ги наполитанките, тоа можете да го направите со помош на рацете или пак со кујнска машина за мелење.
- Несолените печени кикири исто така треба да бидат ситни, па најдобро измелете ги или толчете ги.
- Во длабок сад ги ставаме иситнетите наполитанки и кикири и го додаваме еурокремот.
- Смесата се меша да се изедначи, а бидејќи е леплива додека ги формирате топчињата можете да ги намачкате рацете со путер или едноставно повремено користете вода за да ја намалите лепливоста.
- Откако се готови, топчињата се ставаат во замрзнувач за време од 20-30 минути со цел да се стврднат.
- Потоа се припрема глазурата. Белото чоколадо искршете го на коцки и ставете го на тивок оган да се топи. Додека се топи чоколадото мешајте го.
- На крај, топчињата се чоколадираат и откако малку ќе се засушат се ставаат во фрижидер или може да се консумираат. Декорацијата е по ваша желба, а ние ја направивме со линии од црно чоколадо.
Вкусот на неодоливите и прекрасни декоративни бели фереро топчиња едноставно не се заборава. Топло препорачуваме да ги пробате!