Модриот патлиџан има една одлична особина, го има скоро преку целата година! Оваа идеална карактеристика ни овозможува да уживаме кога што сакаме во разни специјалитети подготвени со него, а денес ви предлагаме да ја пробате нашата брза малиџано салата со урда!
Не ви е потребно многу време, па може да ја направите кога и да посакате, а по желба може да ја користите како намаз. Состојките се лесно достапни, а ние обично ја правиме со урда, која е дел од листата на најздрави типови на сирења и нуди лесна и брза подготовка.
Може да ве интересира: 4 најздрави типови на сирење.

Состојки:
- 3 модри патлиџани
- 400 гр урда
- 2-3 чешниња лук
- 1 до 2 павлаки
- малку маслиново масло
- сол и црн пипер по вкус.
Подготовка:
- Модрите патлиџани најпрво измијте ги добро. Ставете ги во тава за да се печат, а притоа не ја лупете кората. Вака приготвените модри патлиџани ставете ги да се печат претходно загреана рерна на 200 степени.
- Печете за време од 45-60 минути, зависно од рерната и големината на модрите патлиџани. Штом се изладат, отстранете ја кората и ситно исечкајте ги или измелете ги.
- Испечените и иситнети модри патлиџани зачинете ги со малку маслиново масло, посолете и додајте црн пипер по вкус.
- Урдата измешајте ја со претходно исчистениот и ситно исечкан или пресован лук. По желба може да ја зголемите или намалите количината на урда.
- Во длабок сад ставете ги сечканите модри патлиџани, урдата и павлаката. Доколку сакате да добиете покремаста салата, додајте ја и втората павлака. Состојките добро измешајте ги.
- Сервирајте ја брзата малиџано салата, а по желба декорирајте ја со свеж магдонос.
- Препорака од нас: Испечете тенко насечени лепчиња и послужете ги заедно како крцкав додаток на кремастата салата! На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Потпечени модри патлиџани со кашкавал и домати.