Ако барате брз и лесен рецепт за летна пита, имаме одличен предлог за вас. Направете брза пита со тиквички и мелено месо. Идејата за рецептот ја добивме од групата Македонската кујна – некогаш и денес, на предлог од Татјана Галовска, но направивме некои измени и добивме поразличен вкус на оваа мека, сочна пита без глутен.

Состојки:
- 2 големи тиквички
- 2 јајца
- 500 грама месо
- 1 чаша пченкарно брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 1 чешне лук по желба
- магдонос
- сол и црн пипер
- масло по потреба
- сусам за посипување.
Подготовка:
- Тиквичките измијте ги, а потоа изрендајте ги на крупната страна од рендето. Ренданите тиквички посолете ги и оставете ги 10 минути.
- Лукот и магдоносот ситно исечкајте ги.
- Пченкарното брашно измешајте го со прашокот за печиво.
- Во меѓувреме, јајцата ставете ги во сад за матење. Изматете ги пенесто.
- Тиквичките добро исцедете ги и додајте ги во садот со јајцата. Измешајте ги состојките за да се добие хомогена смеса. Во садот додајте ги меленото месо, сечканиот лук, магдонос, посолете и наросете мелен црн пипер.
- Во тава ставете хартија за печење. Над хартијата ставете малку масло и разнесете го насекаде. Во тавата додајте ја смесата за питата, убаво израмнете ја, наросете сусам по желба и исечете парчиња. Питата со тиквички и мелено месо печете ја во загреена рерна на 220 степени за време од 25 до 30 минути, додека се добие бледо румена боја.
- Готовата пита со тиквички и мелено месо оставете ја да се излади, а потоа послужете ја. На здравје!