брзи домашни уштипци

Брзи домашни уштипци

Овој рецепт за домашни уштипци е брз, едноставен и економичен. Испробан е од нас, а штом доаѓа од нашата кујна знаете дека нема да згрешите ако се одлучите да ги пробате. Веруваме дека ќе биде корисен како за искусните, така и за останатите млади домаќинки и домаќини.

Доколку имате малку месо, а сакате да зготвите нешто брзо и вкусно, подгответе ги нашите домашни уштипци, кои се одлични за главно јадење и за мезе. 

брзи домашни уштипци

Состојки:

  • 500 гр мелено месо
  • 1 јајце
  • 50 мл кисела вода
  • 3 лажици масло
  • 7-8 лажици лебни трошки (може и брашно во замена)
  • 1 рамна лажица сода бикарбона
  • 1 лажиче црн пипер
  • 1 лажиче сол
  • 1 чешне лук.

Подготовка:

  1. Во длабок сад најпрво ставете го месото и додајте ги јајцето, киселата вода, маслото, лебните трошки и содата бикарбона.
  2. Малку замесете ја смесата, а потоа додајте ги и зачините, односно црниот пипер, солта и лукчето. Чешнето лук претходно треба да биде исчистено, измиено и изрендано или многу ситно сечкано.
  3. Месното тесто месете го убаво за добро да се соединат сите состојки. Доколку сметате дека смесата е многу течна за да обликувате уштипци со рацете, слободно додајте малку лебни трошки или брашно.
  4. Пред да ги формирате уштипципците, обложете рамна тава или послужавник со најлонска фолија. Со раце формирајте ги уштипците, покријте ги од горе со слој најлонска фолија и оставете ги во фрижидер да стојат околу еден час. Со оваа постапка смесата во домашните ужтипци убаво се поврзува и добро ќе ја зачувате формата при пржењето.
  5. Брзите домашни уштипци пржете ги во тава со загреано масло додека добијат убава боја. Пржените уштипци вадете ги врз кујнска хартија или хартиена салфетка, за да се впие мрснотијата.

На здравје!

Сподели: