Брускети со телешко месо и печурки 1

Брускети со телешко месо и печурки

Брускетите се популарно италијанско месе кое скоро секој би сакал да го проба и би уживал во него. Има повеќе начини да се подготват вакви вкусни залчиња, а сега имате можност да прочитате испробан рецепт за крцкави брускети со телешко месо и печурки.

Ни ги подготви Кате, а дека одлично изгледаат можеме да се увериме и сами. Ладните денови се совршени за вакви нешта. Соберете го друштвото и уживајте заедно!

Брускети со телешко месо и печурки 2

Состојки:

  • 1 багет
  • 400 гр телешко месо
  • 1 главица кромид
  • 5-6 чешниња лук
  • 1 поголем морков
  • 200 гр свежи шампињони
  • 1 гранче рузмарин
  • 5 ливчиња жалфија
  • 1 лажица сенф
  • по потреба кашкавал
  • по потреба мешан сув зачин и црн пипер.

Подготовка:

  1. Прво исечете го месото на коцки и ставете во вода да зоврие.
  2. Потоа, истурете ја водата, а месото измешајте го со сенфот и ставете го во тенџере на оган.
  3. Во тенџерето додајте ги сечканиот кромид, лук, морков, рузмаринот и жалфијата.
  4. Зачинете со мешан сув зачин и бибер.
  5. Налејте малку вода, поклопете со капак и оставете на тивко да се динста. По потреба во текот на динстањето додавајте топла вода.
  6. Откако месото ќе биде полуготово, додајте ги печурките исечени на четвртинки.
  7. Продолжете да динстате додека месото стане меко и лесно кинливо со вилушка.
  8. Багетот исечете го на половина и затоплете го во рерна за да стане малку крцкав.
  9. Одозгора нанесете од месото и сосот во кој е динстано.
  10. Посипете со рендан кашкавал и послужете додека е топло, со свежа салата (на пример, цвекло со сусам и ленено семе како на фотографијата погоре).

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви препорачуваме да прочитате: Брзи домашни брускети со домати и босилек.

Сподели: