Да го зачуваме вкусот на летото во тегли! Ако досега не сте правеле слатко од лубеница, сега е вистинско време за да го направите тоа. Искористе ја приликата и задржете го овој прекрасен вкус за зимските денови! Што е најважно состојките не се скапи, само ќе ви треба малку повеќе време за да го подготвите овошјето.
Подолу ви ја прикажуваме деталната подготовка, а ваше е само да одвоите малку време и да го подготвите ова слатко задоволство. Рецептот го најдовме на блогот на нашата пријателка Лана.

Состојки:
- 1 кг кора од лубеница со дебелина од 1-1.5 см
- 1 кг шеќер
- 1 лимон
- неколку ливчиња нане.
Подготовка:
- За подготовката најдобро е да изберете лубеница со подебелa кора. Потоа исечете ја на парчиња, а зелената кора излупете ја. Црвениот дел можете да гоискористите за јадење. За подготовката на слаткото потребен ви е само белиот дел, а можете да оставите малку црвен ако сакате да добиете поинтересен изглед. Слаткото особено убаво ќе изгледа ако ги извадите парчињата лубеница со посебен нож во вид на топчиња.
- Потоа се додава 1 кг шеќер на количина од 1 кг исчистени парчиња/топчиња лубеница.
- Топчињата ставете ги во подлабок сад и прелијте ги со топла вода. Оставете ги да вријат неколку минути. Потоа истурете ја водата во која се вареле и заменете ја со нова. Постапката повторете ја од 6-8 пати. Со секоја замена на течноста лубеницата ќе ја менува бојата и на крајот ќе се добие скоро проѕирна боја.
- На крајот топчињата од лубеницата посипете ги со шеќер и додадете им 1 и 1/2 чаша вода. Гответе на средна температура околу 40 минути, а на крајот од готвењето додадете парчиња лимон тркалезно исечени. Кога течноста добила добра густина која потсетува на мед, се додаваат две до три ливчиња нане за подобра арома. Потоа се покрива со влажна кујнска крпа и се остава целосно да се излади.
- Претходно подгответе си чисти и суви тегли. Додадете по едно парче лимон во секоја тегла. По желба отстранете ги листовите од нане. Теглите добро затворете ги и чувајте ги на суво и ладно. Вака подготвеното слатко најдобро е да се користи до една година. Уживајте!
Совет плус: Парчињата ќе изгледаат посебно декоративно доколку употребите ребраст нож. Исто така може да ги направите во вид на коцки за поинаков изглед на слаткото.
Ви препорачуваме да прочитате: Стар рецепт за слатко од кора од лубеница.