Ако сакате да направите леб кој е необичен и исклучително здрав, го читате вистинскиот рецепт. Нашата пријателка Елена, која е нутриционист, несебично го сподели својот рецепт за домашен безглутенски протеински леб кој освен што изобилува со хранливи состојки, има низок гликемиски индекс! Згора на сѐ, се подготвува без месење, едноставно совршен!
Можеби кога ќе го читате рецептот ќе помислите, каде ли сега да ги најдам сите тие состојки, дали ќе ми треба многу време, дали ќе го направам добро лебот, итн, бесконечно многу прашања. Едноставно е, само отидете до продавница за здрава храна или некој поголем маркет и ќе ги најдете сите, а потоа со малку труд, многу ќе придонесите за вашето здравје и доброто на целото семејство. Вреди да се проба!

Состојки:
- 1 шола наутово брашно (или измелен наут, претходно натопен во вода колку да омекне)
- 1 шола хељдино брашно (може и измелена хељда, исто претходно натопена во вода барем неколку часа)
- 1 шола измелено просо
- ½ шола мелено ленено семе, натопено во вода (да набубри)
- 3 лажици чиа семе, натопено во вода (да набубри)
- семки од тиква (по желба)
- семки од сончоглед (по желба)
- 1 кесичка прашок за печиво
- по желба може да се додаде сува пиперка, маслинки, лукче и слично
- вода по потреба.
Подготовка:
- Во поголем сад се соединуваат сите состојки.
- Откако добро ќе ги измешате сувите состојки, додајте вода, а количината е по потреба додека се постигне хомогена смеса која не треба да биде премногу течна.
- Смесата се тура во тава за печење, претходно обложена со хартија, рамномерно се нанесува и на крај се наросува со сусам, па се печи.
- Печете во загреана рерна на 200 степени додека лепчето добие убава боја.
Рецептот го испратил: Елена Чороловска.
Ви препорачуваме да прочитате: Домашен интегрален леб.