Ако добро го подготвите, ваквиот домашен намаз од грашок може да ги задоволи вашите апетити и тоа како вкусно! Кога имате малку време и сакате да јадете нешто поздраво и домашно припремено, пробајте го овој намаз. Сигурни сме дека ќе го задоволи вкусот и на најпребирливите дегустатори.
Грашокот е извонредно богат со материи кои се нарекуваат катехини, епикатехини, алфа и бета-каротен, фенолни киселини, а кои имаат антиоксидантни својства и го штитат организмот од оштетувања предизвикани од слободните радикали. Има антивиспалително дејство и богат е со растителни влакна и протеини кои помагаат за правилно варење и апсорпција на хранливите материи од храната. Така, помага за регулирање на времето за кое јаглехидратите се распаѓаат и апсорбираат и спречува висок пораст на шеќерот во крвта. Пожелно да го употребувате ако сакате да превенирате дијабетес, а може да го употребуваат и лица со преддијабетес или дијабетес со цел контрола на нивото на шеќер во крвта.
Може да ве интересира: 6 нешта кои најверојатно не ги знаете за вкусниот грашок.

Состојки:
- 1 шолја свеж или замрзнат грашок
- малку вода по потреба
- 1 лажица мелени бадеми
- 1/3 шолја рендан пармезан
- 1 чешне лук
- 1 лажица маслиново масло
- сол и црн пипер по вкус.
Подготовка:
- Грашокот ставете го во тенџере со вода да се вари. Варениот грашок исцедете го, а потоа ставете го во поголем сад.
- Додајте малку вода. Потоа, додајте ги бадемите, пармезанот, лукот и маслиновото масло. Зачинете по вкус со сол и црн пипер.
- Со помош на рачен блендер или друг кујнски апарат миксирајте ја смесата, додека добиете кремаст намаз.
- Намазот оставете го да се излади. Готовиот намаз од грашок може да го премачкате на лепче или да го сервирате како прилог. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Домашна посна крем супа од грашок.