Дињата е нискокалорично овошје, па ни беше инспирација за нов и малку поздрав рецепт за домашно десертно разладување. Летото обично е период кога поголемиот број на жени се обидуваат да ослабат, а исто така и голем број на мажи сакаат да се во добра форма. Така, наместо да си го скратувате задоволството да се освежите со сладолед, креиравме одличен рецепт за нискокалоричен протеински сладолед кој ќе може да го јадат и оние кои практикуваат малку порестриктивен режим на исхрана од обично.
Јогуртот го избравме со мала содржина на масти, за што помалку калории, а многу добро го надополнува местото на класичниот сладолед. Кикиритките му даваат убава текстура и уникатност, а ванилата неодолив вкус Од препорачаната доза на состојки ќе добиете околу 650-700 мл сладолед. Ние уживавме во вкусот, пробајте го, ќе ве изненади и тоа позитивно!

Состојки:
- 1 чаша густ сок од блендирана диња
- 1 чаша јогурт со 1% млечна маст
- 100 гр печени несолени кикиритки
- 3 лажици сутурка во прав
- 1 лажица екстракт од ванила.
Подготовка:
- Најпрво измелете ги кикиритките во блендерот. Кога се добро иситнети, префрлете ги во друг сад.
- Дињата измијте ја. Исечете ја на четвртини. Просечно ќе ви биде потребна 1/4 за да добиете 1 чаша густ сок од блендирана диња. Но, тоа зависи и од големината на дињата која ќе ја користите. Отстранете ја кората, малку исечкајте ја и ставете ја во блендерот. Блендирајте додека се добие сок со изедначена густина.
- Измешајте ги сокот од дињата со јогуртот, додајте го екстрактот од ванила и измешајте.
- Иситнетите кикиритки измешајте ги со сурутката, па додајте ја смесата во садот со сокот од диња. Измешајте со помош на лажица и сервирајте во мали теглички или друг сад за замрзнување. Оставете да се замрзни и препуштете се на уживањето!
Ви препорачуваме да прочитате: Нискокалоричен сутлијаш со интегрален ориз.