Најчесто, циметот асоцира на зачин кој се додава во торти, колачи и други слатки јадења. Но, всушност е повеќе од тоа. Освен како зачин, од циметот може да се направи масло. Маслото е еден од најдобрите начини како да се искористат неговите придобивки. Уште подобро е тоа што не мора да купувате масло од цимет, туку може да си го направите дома на лесен начин.
Се смета дека циметот започнал да се употребува уште пред 4000 години за разни цели, а најчесто го користеле како лек. Во ајурведската медицина, маслото од цимет се користело за смирување на нервите и мускулите, а денес наоѓа примена при дигестивни проблеми и дијабетес. Во домашни услови, ова масло се добива со мацерација.
Здравствени придобивки од маслото од цимет
Етеричното масло од цимет помага при болести на срцето и крвните садови, проблеми со кожата и дигестијата. Го регулира нивото на шеќер во крвта, својство кое го прави циметот погоден за дијабетичари со дијабетес тип 2. Маслото исто така има антибактериски и антифунгални својства. Помага и при депресија.
Примена во ароматерапијата
Во тераписки цели, маслото од цимет се комбинира со масло од лаванда, рузмарин, ѓумбир, темјан, каранфилче и друго. Во ароматерапијата може да се користи за третирање на општа болка, инфекции на дишните патишта и ревматизам. Може да се користи во навлажнувачи за воздух и на тој начин помага при настинки и затнат нос. Кога се користи за масажа, маслото од цимет ги опушта мускулите.
Како да направите сами дома масло од цимет?
Маслото од цимет може да го направите од цимет во стапчиња или од цимет во прав. И на двата начини се добива масло со ист квалитет.
Масло од стапчиња цимет
Состојки:
- стапчиња цимет
- екстра девствено маслиново масло.
Подготовка:
- Земете чиста и сува поголема тегла.
- Теглата наполнете ја со стапчиња цимет. Внимавајте да не ја преполните.
- Во теглата со цимет турајте екстра девствено маслиново масло додека да се потопат стапчињата.
- Теглата оставете ја да стои на топло место 3 недели.
- После 3 недели, маслото процедете го низ газа.
- Чувајте го во чисто темно стаклено шише на ладно и темно место.
Масло од цимет во прав
Состојки:
- половина шолја цимет во прав
- половина литар екстра девствено маслиново масло.
Подготовка:
- Маслиновото масло загрејте го на средна температура.
- Додајте го циметот. Убаво измешајте.
- Оставете ја смесата да зоврие и уште 3 минути откако ќе зоврие.
- Тргнете го тенџерето од оган и оставете маслото да се излади.
- Откако ќе се излади, маслото процедете го низ филтер за кафе.
- Вака подготвеното масло чувајте го во чисто темно стаклено шише на темно и ладно место.
Неколку предлози како да го употребувате маслото од цимет:
Постојат многу начини на користење, а од нив издвојуваме неколку:
- Масирајте го стомакот со маслото а подобро здравје на панкреасот
- Ставете неколку капки од етеричното масло и дестилирана вода во шише со распрскувач. Користете го како освежувач за воздухот
- Додајте неколку капки во пастата за заби за да ги заштитите забите и непцата.
Ви препорачуваме да прочитате: Како да направите масло од лаванда?