Едноставен рецепт за пилешка салата

Секогаш добредојдена на трпезата! Класичната и едноставна пилешка салата е погодна за носење на пикник, скара или како ужина на училиште или на работа. Плус, супер се вклопува и како предјадење. Потребни се само неколку намирници и малку време за да ја направите оваа кремаста домашна салата.

Салатите со пилешко месо често се прават кај нас за речиси секоја пригода. Ви се најавиле гости во последен момент, славите роденден или годишнина, едноставно направете си ја и уживајте со најблиските. Доброто кај оваа салата е тоа што може да се чува во фрижидер 2-3 дена, секако доколку е добро затворена. Не ја замрзнувајте бидејќи после одмрнувањето го губи и вкусот и квалитетот. А, за поздрава верзија, мајонезот може да го замените со павлака или авокадо.

пилешка салата со мајонез

Состојки:

  • 300 -400 г пилешки стек
  • 2-3 кисели краставички или 1 стебло од целер по избор
  • 1 млад кромид
  • 1 мала лажичка сенф
  • ½ мала лажичка сол
  • црн пипер по вкус
  • ½ чаша мајонез или дресинг за салата.

Подготовка:

  1. Пилешкиот стек сварете го. Оставете да се излади. Потоа исечкајте го на мали коцки.
  2. Киселите краставички и кромидот исечкајте ги на мали коцки.
  3. Исечканиот стек ставете го во длабок сад. Додајте ги киселите краставички/целерот и кромидот.
  4. Состојките во садот зачинете ги со сол и црн пипер. Додајте ги сенфот и мајонезот. Убаво измешајте. Ако сакате покремаста салата додајте уште мајонез.
  5. Готовата пилешка салата сервирајте ја врз листови марула или парче леб. Исто така, може да си направите и вкусен сендвич со домати, марула и краставица. По желба во салатата може да додадете брусница, авокадо или пченка, како и сечкани или мелени бадеми. Како и да ја послужите, нема да згрешите. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Пилешко Кордон блу.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: