Едноставнo подгответе домашно греено вино

За да подготвите совршено домашно греено вино кое ќе биде доволно вкусно, ароматично и нема да ги изгуби препознатливите сензации на виното кое е основна состојка, треба да се запознаете со неколку мали тајни кои го красат грееното вино. Следете го нашето мало упатство и успехот ќе биде неизбежен!

Не без причина го нарековме греено вино, затоа што пожелно е сите да запаметиме дека при подготовка на овој напиток, најдобро е виното само да се загрее на оган околу 10 минути, но не и долго да се вари бидејќи ќе испари алкохолот. Грееното вино е пијалак кој е симбол на зимата, ладните вечери и снегот кој се очекува да ја разубави зимската идила. Ако досега веќе сте правеле по одреден рецепт, проверете ги деталите и усовршете се, само така ќе постигнете екстра добри резултати.

Домашно подготвеното греено вино ќе ви ја стопли душата, ќе ви го загрее срцето. Совршено е за интимни прослави и ароматично уживање за разни убави поводи!

едноставно греено вино на домашен начин

Состојки:

  • 1 литар црвено вино (може суво или полу суво, какво ќе одберете вие)
  • 200 мл вода
  • 2 портокали
  • 1 стапче цимет (за замена може 1 лажиче цимет)
  • 4-5 каранфилчиња (може и ситно мелени)
  • 10 лажички шеќер.

Подготовка:

  1. Во сад на тивок оган најпрво турете ги виното и водата.
  2. Еден од портокалите сечете го на половина, а потоа половинката сечете ја на потенки полукругови.
  3. Додајте го циметот, каранфилчињата, сок од еден цеден портокал и претходно исечениот портокал.
  4. Кога виното малку ќе се затопли додадете го шеќерот и убаво измешајте.
  5. Варете 10-тина минути, а потоа оставете го да стои поклопено уште 10 минути. Отстранете ги зачините со помош на цедалка.
  6. Препорачуваме да го служите во стаклени чаши и да декорирате со резанки од портокал.

На здравје!

Рецептот го испратил: Маја Ристанчевска.

Сподели: