Доколку немате многу време за готвење, а сакате да му понудите на семејството нешто здраво и сезонско, веднаш запишете го рецептот за запечени тиквички со домати! Вкусот на ова јадење е свеж и лесен, па може да го комбинирате и со месо. Доволно е и ако се сервира како самостоен вегетаријански ручек. Како и да го послужите, веруваме дека ќе уживате.
На кратко би рекле – вкусен и брз ручек за целото семејство. Зачините му даваат посебна арома и шмек на ова јадење. Па, доколку сте обожаватели на медитеранска кујна, тогаш овој рецепт сигурно ќе ви се допадне.

Состојки:
- 1-2 тиквички во зависност од големината
- 3-4 домати
- 250 г изварка
- 3 јајца
- 200 г кисела павлака
- свеж магдонос по желба
- свеж босилек по желба
- оригано по вкус
- морска сол
- мелен црн бибер
- 1 лажица мешан сув зачин
- путер по потреба
- кашкавал по желба.
Подготовка:
- Тиквичките добро измијте ги и исечете ги на кругови. По желба може и да ги излупите, но не е неопходно.
- Доматите добро измијте ги и исечете ги на тенки кругови.
- Доколку наместо изварка користите тврдо сирење, добро изгмечете го со виљушка.
- Изматете ги јајцата и помешајте ги со киселата павлака.
- Свежите зачини добро измијте ги и ситно исечкајте ги.
- Плехот за печење подмачкајте го со растопен путер, па наредете го со еден ред тиквички. Редот од тиквички посолете го и поросете го со сечканите зачини, мешаниот сув зачин, ориганото и црниот пипер.
- Врз тиквичките распоредете половина од изварката.
- Врз редот со тиквички и изварка наредете ги половина од парчињата домати. И нив зачинете ги и посолете ги.
- Доматите прелијте ги со половина од смесата со јајца и кисела павлака.
- Потоа, повторно наредете уште еден ред тиквички. Постапката повторувајте ја додека ги потрошите сите состојки.
- Врз последниот слој по желба може да нарендате малку кашкавал.
- Вака подготвеното јадење печете го во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 30 минути или додека се запече и зарумени.
- Послужете го додека е топло. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Мусака од тиквички со мелено месо и кремаст прелив.