Интересен и несекојдневен рецепт за запчен карфиол со ќофтиња ни доаѓа од кујната на Невена. Комбинацијата од кратко варен карфиол, запржени ќофтиња од мелено месо, бешамел сос и кашкавал е идеален предлог за семеен ручек.
Ова е дефинитивно гурмански предизвик кој мора да се проба!

Состојки:
- 1 – 1,2 кг карфиол
- 400 гр мелено месо
- ½ мала главица рендан кромид
- 1 парче (35 гр) леб
- 1 лажиче сол
- ½ лажиче црн пипер
- 1 лажиче буковска пипер
- 1 лажица сечкан магдонос
- на врв од лажиче сода бикарбона
- 150 гр рендан кашкавал.
За бешамел:
- 350 мл млеко
- 35 гр путер
- 35 гр брашно
- по вкус сол, мешан зачин и рендано морско оревче.
Подготовка:
- Најпрво подгответе ги ќофтињата. Во сад ставете го месото, додајте го кромидот, лебот натопен во малку вода и исцеден, зачините и смесата убаво измесете ја да се изедначи. Оставете ја малку да отстои и потоа направете мали топчиња со големина на орев.
- Ќофтињата испржете ги во загреана тава со малку масло.
- Карфиолот искинете го на цветови (не многу мали) и ставете го да се вари во посолена вода. Доволни се само 6-7 минути за малку да омекне. Потоа исцедете го.
- Подгответе го бешамел сосот. Во мало тенџерче ставете го путерот да се стопи, додајте го брашното, запржете го како за запршка и додајте го претходно загреаното млеко.
- Мешајте додека малку се згусти и додајте ги зачините по вкус.
- Тавата за печење намачкајте ја со путер. Ставете го карфиолот, ќофтињата, кашкавалот и измешајте ги. Одозгора додајте го бешамелот и ставете ја тавата да се печи во загреана рерна на 200 степени за време од 30-40 минути. Запечениот карфиол со ќофтиња послужете го веднаш во комбинација со салата по ваш избор.
Рецептот го испратил: Невена Ѓеровска.
Ви предлагаме да прочитате: Похувани ќофтиња од карфиол.