Здравјето е најважно! Сигурно се сложувате со нас, штом сте тука да го прочитате рецептот за здравата безглутенска пита со ленено семе и сончоглед која ја приготвивме во нашата кујна. Питата ја креиравме сосема случајно, а резултатот беше одличен, па затоа рецептот го споделуваме со сите.
Освен што е здрава, се прави брзо и без месење. Уникатна комбинација од пченкарно и овесно брашно, надополнета со здравите сончоглед, ленено семе, сумам, црно семе и куркума. Дефинитивно е рецепт кој мора да го пробате. Питата е супер како предлог за појадок или за да исечете мало парче за ужина. Без глутен, вегетаријанско и здраво!

Состојки:
- 4 јајца
- 2 чаши пченкарно брашно
- ½ чаша овесно брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 100 мл газирана минерална вода
- 2 лажици ладно цедено сончогледово масло
- 1 чаша печен лупен сончоглед
- 3 лажици сусам
- 3 лажици ленено семе
- 1 лажица црно семе
- куркума по вкус
- сол по вкус
- црн пипер по вкус
- оригано по вкус.
Подготовка:
- Во сад за матење ставете ги јајцата. Изматете ги со миксер.
- Во друг длабок сад ставете ги пченкарното, овесното брашно и прашокот за печиво. Измешајте ги, а потоа додајте ги во садот со матените јајца.
- Во садот додајте ја газираната вода и измешајте.
- Потоа, додајте ги сончогледот, сусамот, лененото семе, црното семе, куркумата, посолете по вкус и зачинете со мелен црн пипер и оригано.
- Смесата за пита турете ја во тава (број 28) обложена со хартија за печење. Одозгора попрскајте со сусам и црно семе.
- Тавата ставете ја да се пече во загреана рерна на 220 степени за време од 20 минути или додека питата порумени.
- Печената безглутенска пита со ленено семе извадете ја од рерната, покријте ја со кујнска крпа и оставете ја кратко да се излади. Потоа, исечете ја на парчиња и послужете ја. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Домашен безглутенски протеински леб со низок гликемиски индекс.