Пирето е одличен додаток на многу јадења од месо, но може да го послужите и како главен оброк кога сакате да каснете нешто полесно. Подеднакво му се радуваат и децата и возрасните. Но, секако тоа важи само за совршено кремасто пире, а во спротивно, кога тоа е водлесто, лепливо и без вкус може да ни ја намали желбата за храна.
Многумина веруваат дека не може да се направи совршено кремасто пире во домашни услови, па со желба да ги избегнат грутчињата посегнуваат по блендер или процесор за храна и на тој начин добиваат леплива каша која ни малку не е примамлива за јадење. Затоа, важно е да се знаат неколку клучни совети кои ќе ви помогнат да ги избегнете најчеститите грешки при подготовка на пире. Можеби дел ги знаете, а дел сте ги подзаборавиле, но несомнено ако ги примените ќе го добиете највкусното пире кое сте го пробале.

Изберете сорти на компири кои содржат повеќе скроб
Никогаш немојте да користете црвени, восочни компири со тенка лушпа, бидејќи пирето подготвено од такви компири ќе биде со леплива конзистенција. Најдобри компири за подготовка на кремасто пире се оние кои имаат подебела лушпа и се со брашнеста структура. Тие содржат најголема количина на скроб, а пирето приготвено од овие компири ќе биде кремасто.
При варењето, компирите исечете ги на покрупни парчиња
Немојте да ги сечете компирите на мали коцки или листови, затоа што ќе апсорбираат премногу вода за време на варењето. За подготовка на совршено пире, најдобро е да ги излупите и исечете на коцки со големина од околу 3 см. Притоа внимавајте сите парчиња да бидат со иста големина.
Компирите ставете ги во ладна вода, при варењето
Никогаш не ги додавајте компирите во веќе зовриена вода, бидејќи на тој начин тие ќе се распаднат во водата додека се варат и ќе добиете пире со грутки. Наместо тоа, секогаш додавајте ги во ладна вода и оставете ги да зовријат заедно со течноста.
Водата во која се варат компирите зачинете ја со малку сол
Секогаш посолувајте ја водата во која се варат компирите, тоа ќе ги задржи цели и ќе им даде убав вкус. За поубава арома на пирето може да му додадете и малку црн пипер.
Не користете ладен путер од фрижидер
Во пирето не додавајте ладен путер, затоа што на тој начин ќе се забави неговата апсорпција, па тоа нема да биде мазно и кремасто. Секогаш користете путер кој претходно сте го растопиле на собна температура.
Секогаш користете топло млеко или павлака за готвење
Исто како и путерот, млекото и павлаката за готвење секогаш мора да бидат затоплени пред да се додадат во пирето. Во спротивно, тие нема да се апсорбираат во пирето, па тоа ќе стане водлесто.
Не користете блендери и процесори за храна
При подготовката на пире, немојте да го пасирајте со блендер или пак со процесор за храна. Како резултат на големото иситнување, постои можност да добиете лепливо и течно пире. Наместо тоа, користете виљушка или пак алатка за пасирање. Ова можеби ќе ви одземе малку повеќе време, но на вашето пире ќе му даде фина и кремаста структура.
Користете зачини
За да го подобрите вкусот на пирето, додајте ги вашите омилени зачини по желба. Благодарение на неговиот неутрален вкус тоа совршено одговара со многу зачини како што се магдоносот и власецот.
Служете го топло, непосредно по неговата подготовка
И за крај, секогаш пирето служете го додека е топло како прилог со месо или пак како засебно јадење.
Ви препорачуваме да прочитате: Зачинето пире со праз и суви пиперки (посно).