Зошто да јадеме обично пире кога може да направиме многу покреативно јадење кое ќе донесе ведрина на трпезата? Испробано е, идејата за зачинето пире со праз е супер. Со само неколку состојки, се добива ново уживање. Па, ајде да видиме како се прави.
„Еден старински рецепт за пире кој верувам сите го правите. Ова не е макало, но секако е пире кое се јаде со леб. Македонска работа, наша работа, еми што да правиме. Во Струмица немаме макала како во Западна Македонија, но се наоѓаат многу вакви рецепти и мислам дека ние сме повеќе по прженото. Пржената храна, барем во моето семејство беше и е главна, здрава-не здрава, многу е слатка.“ – сподели Весна со нас.
Таа сподели уште некои корисни информации и насоки како да го јадеме во различни комбинации. Ни кажа дека ова пире може да се јаде со леб и сирење како главен оброк или на пример, да биде гарнир на колбаси. Има специфичен вкус, а ако некогаш немате суви пиперки и без нив е убаво, буковската пипер дава преубав вкус и боја. Посно јадење кое е убаво во секое време!

Состојки:
- неколку компири
- неколку страка праз
- суви пиперки по потреба
- масло по потреба
- сол по вкус
- буковска пипер по вкус.
Постапка:
- Измиените компири сварете ги со се лушпата.
- Измиениот праз, ситно исечкајте гои испржете го додека целосно омекне.
- Компирите излупете ги и испасирајте ги со сол.
- Кога ќе го пржите празот, додајте малку повеќе масло, па откако ќе се испржи во тавата додајте ги сечканите суви пиперки да се пржат малку.
- На крај додадете ја буковската пипер и мешајте за да не загори.
- Така припремената мешавина, турете ја врз пирето, заедно со врелото масло во кое се пржеле состојките и убаво измешајте. На здравје!
Рецептот го испратил: Весна Рохр, vesnarohrrecepti.
Ви препорачуваме да прочитате: Печена посна тава од компири со фил од праз.