Кога имате потреба да зготвите нешто брзо за вечера, нема да згрешите ако го пробате овој лесен рецепт за теријаки пилешко! Посебно го обожаваме, затоа што е едноставен, некомплексен и приготвен од здрави состојки. Често пати го подготвуваме во нашата кујна, па помисливме дека би било одлично да го фотографираме и да го споделиме ова вкусно уживање со вас.
Има многу варијации за подготовка на овој јапонски специјалитет, но откако го откривме овој рецепт, кој скоро е невозможно да го погрешите, не престанавме да го користиме и нашата потрага конечно заврши. Дефинитивно препорачуваме да го пробате!

Што се однесува на сосот, „тери“ кој е дел од зборчето теријаки, во буквален превод значи „сјајно“, а тоа е една од карактеристиките на пилешкото месо во овој рецепт. Станува сјајно и примамливо. Како и да е, убавината на ова јадење е во едноставноста, па еве го рецептот.
Состојки:
- 500 гр пилешки стек
- 1 помала или 1/2 поголема главица кромид
- малку масло
- сол и црн пипер по вкус.
За сос:
- 100 мл соја сос
- 1 полна лажица мед
- 1 лажица сусам
За прилог:
- 1 чаша интегрален ориз
- 300 гр брокула.
Подготовка:
- Прво ставете го оризот да се вари во поголема количина на вода. Откако оризот е скоро сварен, ако сакате да заштедите време, претходно измиената и исечкана брокула на помали цветови, може да ја ставите да се обари во водата заедно со оризот. На брокулата и се доволни и се 5-8 минути, ќе омекне и ќе ја задржи убавата зелена боја. Доколку пак, сакате оризот и брокулата да ги сервирате одделно, обарете ја во одделен сад. Исцедете ги низ ситна цедалка и прилогот е готов.
- Во меѓувреме припремете ги месото, кромидот и сосот. Кромидот излупете го и главицата пресечете ја на половина, а потоа исечкајте ја на „месечинки“, односно долги кришки.
- Пилешкиот стек треба да биде исечкан на коцки со големина од околу 1.5-2 см. Во малку масло, кратко запржете го на ниска температура, а потоа во тавата додајте го и претходно припремениот кромид. Посолете по вкус и додајте црн пипер.
- Во сад добро измешајте ги соја сосот, сусамот и медот.
- Откако коцките пилешки стек се запржат, а кромидот добие стаклест изглед, во тавата додајте го и претходно припремениот сос. Динстајте уште 5-10 минути, или додека сосот малку се згусти и убаво се распредели.
- Од приготвеното пилешко, сервирајте за секој во порција, па додајте го традиционалниот прилог (претходно сварениот и исцеден ориз и обарената и исцедена брокула). Уживајте во вкусот, на здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Направете јапонски омлет.