Меки и сочни, со неодолива арома која суптилно потсетува на кафе. Ако зборуваме за елеганција на храна, нивниот вкус и изглед потполно се вклопуваат во тоа! Овие мини кафе палачинки ги подготвивме во нашата кујна со посебно голема љубов.
Презадоволни од она што видовме и пробавме, со големо задоволство ви препорачуваме да ги пробате и вие дома. Интересни се и несекојдневни за нашите простори, а рецептот е потполно нов и испробан директно од нас. Ако добро ги следите чекорите, ве уверуваме дека и вие ќе можете да уживате во нив, без да се плашите дека можеби нема да ги направите совршени. Добро е што може да ги направите во големина по желба, а препорачана форма и големина од нас е кружна со дијаметар од околу 8-10 см. Потребно ви е само тавче за палачинки и вкусната забава може да започне!

Состојки:
- 2 чаши брашно
- ½ чаша шеќер
- 2 лажички прашок за печиво
- прстофат сол
- 1 чаша топло млеко
- 1 чаша Браво кафе, сварено без шеќер и изладено
- 2 јајца
- 2 лажици иситнет путер
- 1 лажичка екстракт од ванила.
Чашата е со количина од 240 мл.
Подготовка:
- Во поголем сад за месење ставете ги сувите состојки, односно брашното, шеќерот, прашокот за печиво и солта, па измешајте ги со помош на лажица.
- Во одделен сад ставете ги и со малку матење измешајте ги млекото, кафето, јајцата, путерот и ванилата.
- Течните состојки додајте ги во садот со сувите состојки. Трудете се тоа да е рамномерно и со постојано мешање со жица за матење за да постигнете убава хомогеност на смесата.
- Кога смесата за мини кафе палачинките е готова, припремете го тавчето.
- Лесно намрсете го тавчето (тоа може да го направите најлесно така што ќе намрсите салфетка и со неа ќе го избришете тавчето). Кога тавчето добро се загреало земете 60 мл од смесата и турете ги во една „точка“ на добро загреаното тавче. Под дејство на топлината смесата самата ќе се рашири и ќе се оформи кружната форма со посакуваната големина со дијаметар од 10-тина сантиметри. За најлесно да измерите ако употребувате мерица од 80 мл, оставете околу 1 см од горниот дел да остане празен.
- Кога ќе се појават меурчиња на горната страна од палачинката, значи дека долната страна се испекла и е време да ја превртите од другата страна. Со помош на голема рамна кујнска лажица превртете ја од другата страна и оставете ја уште малку да се допечи. Препорачуваме температурата на печење на палачинките да не биде премногу силна, туку умерена за да избегнете да ви изгорат по површината.
- Постапката повторувајте ја додека се потроши смесата.
- На крај, изладените мини кафе палачинки послужете ги со парче путер, јаворов сируп, мед, мармалад или свежи овошје по желба.
Повикајте друштво, сварете си филџан Браво кафе и сервирајте си уникатно вкусно уживање. Тоа е тоа!
Ви препорачуваме да прочитате и печени полнети крофни со фил од кафе.
