Превкусно и традиционално подготвувано во нашите домови! Популарниот ликер од зелени ореви го правиме со многу љубов, а му се гостиме цела година. За да биде во поздрава варијанта, полна со јод, а без шеќер, секогаш правиме ореовка со мед!
Оревите лечат од повеќе заболувања, а особено се корисни за штитната жлезда, грлото, дишните патишта, за бронхитис и за зајакнување на имунитетот. Народната медицина ја препорачува ореовката за лечење на анемија, како и за „прва помош“ за стомачни пролеми и забрзување на метаболизмот. Ореовката е богата со јод и е одлична за здравјето на штитната жлезда. Пијте по едно мала чаша за ракија, наутро додека сте гладни, а потоа почекајте барем 30 минути до првиот оброк.

Втората половина на Мај е одредена за берење на малите зелени оревчиња, чија големина во тој период е слична на лешник или маслинка. Ако малку почекате или поради некои други причини не успеете да ги соберете оревчињата додека се толку мали, не грижете се и во почетокот на јуни ќе успеете да направите ореовка.
За една доза со литар лозова ракија потребно е:
Состојки:
- 40 зелени (млади) оревчиња
- 300 мл мед (1/3 од тегла)
- 1 литар лозова ракија.
Дополнително:
- најлонски нараквици
- големо пластично шише или уште подобро голема стаклена тегла за складирање.
*Доколку оревчињата се поголеми, можете да направите извесна отстапка во бројот, па наместо 40 да ставите неколку помалку. На пример, ако ставите 90-95 поголеми оревчиња и употребите една тегла мед, можете да додадете уште 3,5 до 4 литри лозова ракија. И во двата случаи ќе добиете добар резултат.
Подготовка:
- Најпрво ставете ги нараквици. Ако не ги заштитите рацете, ќе ви се обојат во кафеаво зеленкаста нијанса.
- Оревите измијте ги со вода, а потоа пресечете ги на половинки и сместете ги во шишето или теглата, зависно што имате на располагање.
- Додајте го медот во садот со исечените ореви.
- На крај, додајте ја ракијата и измешајте со пластична лажица или пак затворете го шишето и протресете го, за медот убаво да се стопи и распредели.
- Вака припремената ореовка со мед треба да стои на сонце најмалку 40 дена, а содржината треба да ја промешувате секојдневно. И да ја оставите да стои подолго, може да биде само поубава и поквалитетна. Пред послужување благо промешајте го шишето во кое сте ја складирале, на тој начин лековитиот талог ќе се подигне. Мерак кој вреди, за уживање и за здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Ароматична ореовка по српски рецепт – ликер од зелени ореви.