Обожаваме домашни пијалаци, а посебно ако имаат и своја „лековита нота“! Таква е и оваа ароматична ореовка. Вкусен ликер кој нема да ве остави рамнодушни!
Бидејќи има многумина кои ги обожаваат едноставните вкусови и уште полесната подготовка, наскоро ќе го споделиме и нашиот домашен рецепт за подготовка на ореовка од зелени оревчиња. Ореовката е богата со јод и е одлична за здравјето на штитната жлезда, затоа препорачуваме да ја пробате, посебно ако имате таков проблем. Наскоро очекувајте го и нашиот домашен рецепт, а во меѓувреме, додека сеуште има млади оревчиња, препорачуваме да го пробате овој рецепт.

Состојки:
- 20 зелени (млади) ореви
- 600 гр шеќер
- 1 лимон
- 1 портокал
- 15 зрна кафе
- 1 лажичка цимет
- 3 кесички ванилин шеќер
- 700 мл ракија.
Дополнително:
- најлонски нараквици
- голема тегла.
Подготовка:
- Добро измијте ги состојките. Оревите измијте ги со вода, а портокалот и лимонот е пожелно да ги потопите во вода со сода и да ги оставите да стојат во неа барем 20-тина минути.
- Ставете ги нараквиците, па оревите исечете ги на четвртинки. Ако не ги заштитите рацете со нараквици нема да ви се случи ништо штетно, но ќе ви се обојат во темнокафеава/црна нијанса.
- Лимонот и портокалот исечете ги на кругови, а потоа започнете со редење на состојките во теглата. Прво ставете ги оревите, па круговите лимон и портокал, додајте го ванилиниот шеќер, циметот, шеќерот и кафето, па на крај турете ја и ракијата.
- Измешајте со пластична лажица и затворете ја теглата. Секојдневно промешувајте ја и повторно затворајте ја. Вака припремената ароматична ореовка треба да стои на сонце најмалку 40 дена, а потоа се процедува и се складира во шише. Уште поубаво би било ако ја оставите да созрева 2-3 месеци. Пробајте ја вреди за трудот!
Доколку сакате од рецептот може да погледнете и видео приказ.
Се консумира по 1 чашичка за ракија на гладно ако сакате да ги искористите корисните својства или пак се користи како аперитив.
Ви препорачуваме да прочитате: Ликер од вишни – вишновка.