Бидејќи ни пристигнаа поладните есенски денови, време да се припремиме со убави сезонски рецепти. Затоа ви претставуваме супер есенски рецепт за печени круши со мед и цимет кој ќе го загрее вашиот дом во овие малку постудени дождливи денови. А, да не зборуваме и за прекрасната арома со која ќе ги исполни вашите домови и на голема врата ќе ви ја донесе есенската магија.
Крушите се одличен извор на витамини и минерали (Ц, К, Б2, Б3 и Б6) важни за целокупната благосостојба на телото. Тие изобилуваат и со растителни влакна, помагаат против надуеност, го одржуваат холестеролот во нормални граници, превенираат канцер, срцеви заболувања и дијабетес тип 2. Крушите претставуваат одлична храна и за бремени жени или доилки, бидејќи изобилуваат со фолна киселина. Медот и циметот во комбинација се покажале како ефикасен сојузник во борбата против вишокот килограми. Циметот има низа корисни својства – го подобрува тенот, го снижува холестеролот, ја забрзува циркулацијата, одличен е за срцето, стомакот и цревата, и помага во топењето на маснотиите во организмот. Додека пак, јаткастите плодови се одличен извор на омега 3 масните киселени, изобилуваат со витамини и минерали. Тие помагаат во зајакнување на кожата, косата и ноктите и во подобрување на меморијата и концентрацијата. Така, овој рецепт не само што е многу вкусен туку е и многу здрав. Па, подгответе си го и уживајте со вашите најблиски во совршениот есенски вкус.
Состојки:
- 2 поголеми круши
- 1 лажичка цимет
- 1 лажица мед
- 50 грама сечкани ореви и лешници за поросување
- шлаг за декорација по желба.
Подготовка:
- Крушите измијте ги, пресечете ги на половина и отстранете им го внатрешниот дел со семки.
- Наредете ги на плех кој претходно сте го обложиле со хартија за печење и посипете ги со цимет.
- Печете ги во загреана рерна на 175 степени за време од 20 до 25 минути додека крушите омекнат.
- Откако ќе ги извадите, оставете ги да се подизладат, па прелијте ги со медот, посипете ги со сечканите лешници и ореви и декорирајте ги шлаг по желба.
Ви препорачуваме да прочитате: Печени јаболка со мед и јаткасти плодови.