печени јаболка 1

Печени јаболка со мед и јаткасти плодови

Сочните печени јаболка се совршен здрав десерт кога времето е ладно. Ги имаме во изобилство во есенско – зимскиот период, па затоа рецептот ќе ви биде добредојден во секое време.

Јаболката се природен еликсир, а може да се јадат свежи или приготвени на многу различни начини. Без разлика на кој начин сте избрале да го консумирате, јаболката претставуваат одличен десерт и природен лек. Тие изобилуваат со растворливи и нерастворливи растителни влакна кои овозможуваат здрав метаболизам со правилно и добро варење на храна. Покрај тоа, содржат огромни количини на витамин Ц кој е неопходен за добар имунитет, здрави непца и гингиви, за производство на колаген и чување на младоста итн.

Затоа, овој пат ви предлагаме да одвоите малку време и да направите полнети печени јаболка. Брзи, меки и неверојатно вкусни, не смеете, а да не ги пробате овие печени јаболка полнети со јаткасти плодови и мед!

печени јаболка

Состојки:

  • 8 јаболка (најдобро е да употребите жолти јаболка од сортите златен делишес или муцо)
  • 4 мали лажички мед
  • 100 грама мелени јаткасти плодови по желба – бадеми, ореви или лешници
  • цимет, екстракт од ванила, рум по желба.

Подготовка:

  1. Јаболката измијте ги и отстранете го внатрешниот дел. По желба, може да ги пресечете ја половина и да го отстраните средишниот дел.
  2. Во длабока чинија ставете ги јаткастите плодови и медот. По желба додајте цимет, екстракт од ванила или рум. Измешајте за да се добие хомогена смеса. Со смесата од јаткасти плодови и мед наполнете ги јаболката.
  3. Полнетите јаболка наредете ги во тава, обложена со хартија за печење. Печете ги во загреана рерна на 200 степени за време од 25 до 30 минути, додека јаболката омекнат. Полнетите печени јаболка послужете ги додека се топли. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Чоколадна торта со јаболка.

Сподели: