чоколадна торта со јаболка

Чоколадна торта со јаболка

Мирисот на чоколадо, ванила, печени јаболка и цимет сигурно ќе ве намами да ја направите оваа чоколадна торта со јаболка и да споделите убави моменти со семејството и најблиските.

Рецептот ни го испрати Невена, а ние гарантираме дека е одличен, па веднаш запишете ја чоколадната торта со јаболка во тетратка, споделете ја на вашиот профил и во првата прилика штом имате малку слободно време направете ја.

чоколадна торта со јаболка

Состојки:

  • 4 јајца
  • 200 гр шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 100 гр путер
  • 100 гр чоколадо за готвење
  • 100 гр мелени бадеми
  • 120 гр брашно
  • 1 ќесичка прашак за печиво
  • 2-3 јаболка
  • шеќер во прав и цимет по потреба.

Подготовка:

  1. Во сад на пареа ставете ги чоколадото искршено на коцки и путерот. Мешајте ги додека се растопат, а потоа садот тргнете го и оставете чоколадната смеса да се излади.
  2. Во сад за матење, ставете ги јајцата, шеќерот, ванилиниот шеќер и изматете ги додека смесата се згусни, стане кремаста и светла.
  3. Потоа во садот со изматените јајца, додајте ја изладената чоколадна смеса и повторно изматете да се соединат.
  4. Во садот додајте ги мелените бадеми, брашното, прашокот за печивото и измешајте ги со голема лажица или жица за матење за да се изедначат.
  5. Смесата ставете ја во намрсена и набрашнета тава бр.26 (може да користите и хартија за печење) и израмнете ја.
  6. Јаболката излупете ги, исечете ги на парчиња и наредете ги на целата површина од смесата.
  7. Тортата ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, за време 30 – 35 минути. Печената чоколадна торта со јаболка оставете ја да излади, посипете ја со шеќер во прав измешан со цимет и послужете ја.

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Сподели: