Сочни печени пилешки копанчиња во кремаст сос, дали сте пробале ваков специјалитет? Ако вашиот одговор е Не, тогаш ви препорачуваме да го направите и дегустирате што поскоро. Нема да ви одземе многу време, а потребен ви е само еден сад за подготовка. Звучи совршено, зарем не?!
Едноставен и вкусен ручек кој се подготвува само во еден сад е сон на секоја домаќинка. Лимонот и лукот му даваат посебен вкус и арома на јадењето, па нашиот рецепт за печени копанчиња во кремаст сос ќе стане омилен на сите во семејството.

Состојки:
- 5-6 парчиња пилешки копанчиња
- 1 лажичка сол
- ¼ рендана кора од лимон
- 3 лажици путер
- 2 лажици масло
- 3 чешниња ситно сечкан лук
- 1/2 чаша пилешки бујон
- 1 чаша неутрална павлака за готвење
- 1/2 чаша пармезан
- 1/4 чаша свеж сок од лимон
- неколку свежи листови од мајчина душица
- 150 г спанаќ.
Подготовка:
- Пуштете ја рерната да се загрева на 200 степени.
- Ставете ги копанчињата во сад и додајте ја солта и кората од лимон. Убаво измешајте и оставете го садот настрана.
- Во тава на оган (на средно висока температура) ставете 2 лажици масло и путерот. Откако путерот ќе се растопи ставете ги претходно припремените копанчиња, со кожата надолу и пржете ги 3-4 минути. Потоа, завртете ги од другата страна и пржете ги додека поруменат. Пржените копанчиња извадете ги во посебен сад и тргнете ги на страна.
- Во тавата на оган додајте уште 1 лажица путер да се растопи. Додајте го ситно сечканиот лук и кратко пропржете го (1-2 минути). Потоа, додајте го пилешкиот бујон, неутралната павлака, пармезанот, лимоновиот сок и мајчината душица. Промешајте за состојките да се соединат и оставете да зоврие.
- Откако ќе зоврие, намалете ја температурата и оставете го сосот да вари додека се згусти (околу 5 минути). Во сосот додајте ги и листовите спанаќ. Измешајте и тргнете ја тавата од оган.
- Копанчињата вратете ги во тавата со сос и ставете ги да се печат во претходно во загреана рерна околу 25 минути.
- Печените копанчиња сервирајте ги со гарнир по желба, декорирајте со парчиња лимон и мајчина душица по желба и послужете. На здравје!
Совети плус:
- Вака припремените копани можете да ги послужите со ориз, тестенини, пире или печени компири.
А ако сакате да го подобрите кулинарското знаење и искуство за подготовка на пилешко месо ви препорачуваме да прочитате: 7 совети за подготовка на сочни копани.