Печеното пилешко со компири е едно од најчестите и највкусните јадења во нашата македонска кујна. Сите го обожаваат, па еве еден лесен рецепт за подготовка на ова традиционално јадење, кој ни го испрати Невена.
Рецептот е погоден за млади, неискусни домаќинки, како и за сите кои немаат многу време да поминуваат во кујната. Едноставно, штом ги имате сите состојки, помешајте ги, зачинете ги и ставете ги во рерната да се печат. Лесно, а вкусно!
Состојки:
- 8 пилешки батаци
- 1 кг компири
- 2 -3 меснати црвени пиперки
- 1 лажиче рузмарин
- 2 чешниња лук
- 1 лажица сечкан свеж магдонос
- по вкус мешан сув зачин, сол и црн пипер
- ½ чаша вода.
Подготовка:
- Батаците посолете ги, зачинете ги со мелен црн пипер и со мешан зачин по вкус.
- Компирите излупете ги и исечете ги на поголеми коцки.
- На пиперките извадете им го семето, исечете ги на пошироки резанки и заедно со компирите ставете ги во тава за печење.
- Лукот и рузмаринот ситно исчекајте ги.
- Во тавата со компирите и пиперките додајте ги лукот, магдоносот, рузмаринот, малку сол и мелен црн пипер, пола чаша вода и измешајте. Попрскајте ги со малку масло и врз нив наредете ги парчината пилешко месо.
- Тавата со компирите ставете ја да се пече во загреана рерна на 200 степени за време еден час, односно додека месото добие убава боја од двете страни. Печеното пилешко со компири и пиперки послужете го топло во комбинација со салата. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓеровска.
Ви предлагаме да прочитате: Пилешко месо во сос од печурки и вино.